ВЕСТ НА ДЕНОТ: Редовниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи по локалните избори
Редовниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во ноември, одлучи вчера Централниот комитет (ЦК) на партијата.
Одлуката доаѓа по најавата на Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ. Одборот, составен од поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ, но и актуелни градоначалници, обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство од делегатите и го закажа 17. вонреден Конгрес на партијата на 28 март во Скопје, соопштија од Иницијативата.
Причина за свикувањето на вонредниот Конгрес е незадоволството од политиките на актуелниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од иницијативата велат дека Христијан Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка.
Централниот комитет ја отфрлил Иницијативата за одржување вонреден конгрес на 28 март што ја поднесе Иницијативниот одбор во кој членуваат дел од поранешните високи функционери и сегашни истакнати членови на партијата.
Како што соопшти Стефан Андоновски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, нивен противник е Зоран Заев, а целта е рушење на неговиот „хибриден режим“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Бајден: Досега изгубивме над 450.000 луѓе, многу деца легнуваат гладни, тоа е мојата работа
Во тек на процесот за импичмент на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, поради многубројните обвинувања за поттик на бунт и насилното влегување во Конгресот, сегашниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, истакна дека неговиот фокус останува во борбата против глобалната пандемија, а не на следењето на судскиот процес на Трамп.
–Веќе реков, имам работа. Досега изгубивме над 450.000 луѓе од корона вирусот и ќе изгубиме многу повеќе доколку не дејствуваме брзо и решително. Многу деца легнуваат гладни, многу семејства не се осигурени кога станува збор за храната. Тоа е мојата работа, изјави Бајден.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Шекеринска – Столтенберг: Северна Македонија докажа дека е активна и кредибилна членка на Алијансата
Шахпаска: Легализирани 55 ромски куќи и обновени девет во Виница, како дел од ИПА 2 програмата на ЕУ
Национална Стратегија – Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан, денес остварија средба со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кого го информираа за започнување на првата фаза на проектот Национална развојна стратегија 2021- 2041.
Шекеринска: Жалосно е што Ковачки и денес со голема леснотија ја отфрли армиската чест само за да служи на една мала група на луѓе
Албин Курти го поддржаа 77 врвни интелектуалци од целиот свет, во пресрет на изборите во Косово
ГОВОР НА ОМРАЗА
Апасиев не престанува со говорот на омразата, овојпат мета му е Шилегов
Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, со навреди кон скопскиот градоначалник Петре Шилегов, нарекувајќи го „несреќа скопска“ и „пијандура непрокопсана“, отако пред неколку дена Пајак-службата на Град Скопје, му го подигнале возилото оти бил непрописно паркиран.
ПОЛИТИЧКИ МАГАЗИН – СКЕН: „Сите на попис – политиката на страна“
СЛОБОДНА ЗОНА
„Прашањето за новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да се решава на вонредниот партиски конгрес во март, туку ќе се решава на суд. Тоа е така, бидејќи кога иницијативата за вонреден партиски конгрес ќе избере (белки) нов претседател, тој ќе треба да се пријави во надлежниот суд за да стане официјален правен застапник на партијата. Без такво правно легитимирање, тој избор ќе биде политички театар на противниците на Христијан Мицкоски и неговото раководно окружување“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Може ли ВМРО-ДПМНЕ да ја избегне внатрепартиската „граѓанска војна“?
Д. Т.