Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, тројца вработени во ДИК и еден управител на економски оператор. Обвинетите се товарат дека кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 5 од Кривичниот законик го сториле при две јавни набавки со што го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија за 1.312. 409 денари.
Имено, И.Ќ., А.А. и А.Ш. вработени во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, во периодот од февруари до септември 2020 година не извршувајќи ги своите службени должности при спроведување на постапката за јавна набавка на софтверот за изборите, не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор ДУНА ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови.
Врз основа на Извештајот од спроведена постапка, според ОЈО се заклучува дека Деркоски како претседател на ДИК без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач. Откако постапката била поништена, Деркоски спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Дерала: Медиумската неписменост се користи за манипулирање со јавното мнение, пласирање лажни вести и дезинформации за политички профит
Моите опсервации не се разликуваат многу од оние на експертите во земјава и во меѓународната заедница, организации кои ги следат состојбите во земјава. Што се однесува до Северна Македонија ние имаме еден многу сериозен проблем – тоа е една сериозна политичка и медиумска неписменост. Таа медиумска неписменост се користи за да може да се манипулира со јавното мнение, да се пласираат лажни вести и дезинформации кои пак имаат цел да се оствари некаков политички профит преку говорот на омразата – најчесто етничка, родова, политичка основа…
Проблемот со македонското општество е повеќекратен – се уште владее неказнивоста – имате ситуација во која бившите добро познати перјаници на режимот на Груевски се уште, без никаков проблем пласираат ужасно вулгарен и напаѓачки говор во јавната сфера, не само на дел од социјалните мрежи, туку и во медиумите, вели Дерала во Утрински Брифинг.
Очигледно е дека оваа пропаганда, без оглед дали вие сте на власт или опозиција користи и алтернативни извори на средства и алтернативни начини да се пласира црната пропаганда. Имаме една нагорна линија на пропагандата. Имаат доста софистицирани методи. Оние што се во ситуација да бегаат од правдата, да ја манипулираат државата, да работат за други интереси, имаат доволно средства и финансиски и технички и човечки ресурси да можат да лансираат кампања во кое време сакаат и се многу успешни и тие се засноваат на искуства многу познати во светот, смета Дерала.
Во една демократска земја секогаш е полесно да се биде во опозиција отколку на власт. Во нашиот случај се работи за една пропагандна активност која има многу пари зад себе. И тоа еден дел од истражувачките новинари доста успешно го разоткрија во 2018 година, а тоа е еден многу мал дел што всушност се случува. Заради тоа системот мора да почне да работи, ако не може на политички план, тогаш мора финансиската полиција да се погрижи сите средства кои се добиваат во медиумите да се добиваат на жиро сметка и да бидат транспарентни.
Сепак морам да кажам дека црните пари во политиката и во медиумите не се само проблем кој се однесува само на финансиските закони. Тоа е секогаш и безбедносен проблем. Заради тоа една Влада мора да се соочи со изборот меѓу тоа да се справи со безбедносни предизвици кои се предизвикани од таквото финансирање, или пак да не се изложува на ризик да биде премногу критикувана заради контрола на финансиите на медиумите. Како може да ги контролира Вашите и моите средства а да не ги контролира финансиите на еден дел од таа сфера. Тоа треба некој да седне да размисли помеѓу безбедноста и фер односот, вели Дерала.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Помош за медиумите Владата ги прифаќа барањата на медиумите и медиумските работници – ќе се основа медиумски фонд за проекти од јавен интерес
Антикорупција Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска денеска ги информираше членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедиците за работата на ДКСК во изминатата година. Потенцираше дека состојбата со корупцијата во земјата е многу сериозна.
Реформи во образование Наставниците сметаат дека промените во основното образование со придобивки за малцинските заедници
Ковид мерки Владата на седницата што ќе започне во 19 часот ќе решава по предлогот за полициски час од 23 до 5 часот и работа на угостителските објекти до 22:30 часот
Имунизација Денеска започна масовната имунизација на населението, во повеќе регионални центри низ државата – Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола. Предвидено е да се вакцинираат меѓу 10 до 15 илјади граѓани на ден, со што здравствените власти очекуваат до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба.
Интеграции Едштадлер: Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија во пристапниот процес кон ЕУ може да биде ризично и треба да се спречи
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ организира дебата на тема „Недискриминација и мултикултурализам во училиштата“
ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Недискриминација и мултикултурализам во училиштата“ утре, среда, 5 мај, со почеток во 13 часот. На панелот ќе земат учество Министерката за образование и наука, Мила Царовска, проф. Елена Џукеска од Независниот академски синдикат и Бленди Ходаи, претседател на Средношколски сојуз. Модератор на дискусијата ќе биде Џабир Дерала од ЦИВИЛ, кој на почетокот ќе направи и кратка презентација на проектот „Европски перспективи“.
Настанот ќе се одржи без публика, во хотел „Парк“ (зад скопскиот стадион) и ќе биде пренесуван во живо на Фејсбук страницата и на видео каналот на ЦИВИЛ, а потоа ќе бидат објавени низа медиумски содржини на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА, на македонски, албански и англиски јазик. Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.
ЦИВИЛ активно се вклучи во процесите поврзани со реформите во образованието со фокус на темите мултикултурализам и недискриминација. По овој настан, предвидени се уште две теми од областа на образованието и тоа: „Деполитизација на училиштата“ и „Перспективите на практикувањето и наставата за европските вредности во училиштата“.
Панел дискусиите се дел од нашиот проект „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година. Проектот обединува повеќе компоненти од кои едната е „Застапување и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата во основните и средните училишта преку придонес кон реформите на образовниот систем“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Денешнава демократска држава – оваа „на Заев“ – дува и на маштеница, па тукушто иницира правен статус новинарите да се третираат како „службени лица“, за секој напад врз нив да се гони кривично. (Ова е вториот момент за мајки, шајки, ти-ли-бе, тој-ли-бе и сл.) Не сум сигурен дали спроведувањето на оваа мерка е изведливо, бидејќи физичките напади врз новинари во Македонија се релативно ретки (особено кога се „на службена задача“), наспроти простотијата и говорот на омраза на која сме изложени во виртуелниот свет.
Затоа, можеби е најпаметно овој 3-ти (и 4-ти, и 5-ти, и 18-ти итн.) мај да го посветиме на, всушност, главниот модерен проблем за слободата на медиумите: лагите и ширењето лажни вести – и нивните уште поопасни „први братучеди“, полувистините и „алтернативните факти“! – пред кои е исправена професијата. Тоа производство на невистини и полувистини е толку големо, што нема медиум во Македонија со човечки, професионален, финансиски и друг капацитет што може ефикасно да им се спротивстави. Тие се „отровот“ во мали и големи дози што ќе ѝ пресудат на нашата демократија, пишува Орданоски во колумната Кој мисли зло не пее
„Пропагандните центри прават сè за да ги омаловажат и дискредитираат поединците и организациите кои работат на промовирање на европските вредности, антинационализмот, правдата, еднаквоста и човековите права. Мојата работа е во директна спротивност на сè што тие претставуваат. Тоа е причината за оваа огромна повеќегодишна мрачна кампања против оние што се залагаат за човековите права.
Јас сум еден од оние кои едноставно се откажаа од барање заштита, правда и/или надоместување на штетата предизвикана од нападите со омраза на социјалните мрежи и во медиумите. Скоро никој не се конфронтира со насилството преку Интернет. Напротив, околу омразата се кренати ѕидови на тишината. И институциите молчат.
Јавноста, граѓанските организации и медиумите претежно молчат бидејќи многу од нив стравуваат од одмазда од авторитарните политички сили, доколку се вратат на власт. Исто така, постојат долгогодишни коруптивни врски помеѓу поранешната авторитарна влада и медиумите.
Правдата и отштетата се изгубени битки. Судските процеси се бавни, скапи и со непредвидлив исход. Нашите обиди да бараме правда и компензација се придружени со уште пожестоки онлајн закани со омраза и малтретирање. Да се живее со ваков притисок е тешко, особено кога се знае дека дезинформациите и пропагандата на омраза се креирани од моќни структури, отворено поддржани од Русија“, пишува Џабир Дерала во коментарот Антизападни пропагандни центри против граѓанското општество во Северна Македонија: Случајот на ЦИВИЛ, објавен во HEINRICH-BÖLL-STIFTUNG
„Поради неуспешниот обид да се формира Супер Европска Лига, почнаа масовни протести на најпопуларниот светски спорт, фудбалот. Навивачите се пожестоко и понасилно протестираат, и навидум наликува на Марксистичка Октомвриска Фудбалска Револуција…..истотака, останува да се види како сето ова ќе се одвива, кога обичниот фудбалски навивач, конечно го крена гласот против супербогатите и тотално незаинтересирани освен за профит антифудбалски и антиспортски американски, руски, кинески и арапски сопственици… сите со сомнителни богатства кои ги кријат своите сомнителни богатства позади сопствеништвата во фудбалските клубови во Англиската Премиер Лига, и не само таму. Сите овие случувања формираат перфектна социјална бура, или вистински молотов коктел, пишува Агрон Биба во колумната Смртта на англиската (глобалната) Кралица и преродбата на англискиот (глобалниот) фудбал
Д. Тахири