ВЕСТ НА ДЕНОТ: Учебникот Географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба
Учебникот Географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба и од денеска нема да се користи во наставата. Решението на стручната Комисија за повлекување на спорниот учебник, денеска го потпишала министерката за образование и наука Мила Царовска. Заменик-министерот Арафат Шабани на прес-конференција рече дека учебникот е повлечен поради неточна содржина, а и навредлива за Албанците и дека и во иднина од наставата ќе се отстрануваат учебници со несоодветна содржина.
Комисијата која донесе одлука за повлекување на овој учебник, кој бил одобрен по наставна програма од 2002 година, констатирала дека учебникот по географија е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат на дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата, а исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование.
Министертството за образование и наука соопшти дека во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, меѓу клучните чекори е обезбедување квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование. МОН информираше дека новиот закон за дидактички материјали и учебници е веќе објавен на ЕНЕР и со него системски се спречува вакви содржини да се провлекуваат во учебниците.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ (ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА): Хоспитализираните КОВИД пациенти ќе бидат попишани од страна на нивните семејства
По социјалните мрежи често кружат прашања од одредени високи функционери во врска со пописот, кои веројатно се должат на нивната неинформираност во врска со целиот процес.
Едно од тие прашања е како ќе се попишуваат хоспитализираните КОВИД пациенти. ЦИВИЛ МЕДИА се обрати до Државниот Завод за Статистика со истото прашање, на што веднаш го доби следниот одговор:
„По методологија на пописот, попишувачите не влегуваат во болници. Болницата се евидентира како зграда/објект, а сите пациенти што се внатре, ги попишуваат нивните семејства кога попишувачите ќе дојдат во нивните домаќинства.“
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОПИС Попишувачите кои ќе го спроведуваат пописот на населението ќе имаат можност да заработат и над 35.000 денари хонорар за ангажманот. Тие ќе бидат на терен од 1 до 21 април, период во кој е планирано да се спроведе целата операција со евидентирање на граѓаните кои живеат на територија на Северна Македонија, а една недела претходно ќе имаат тестирање и подготовки за непречено и професионално изведување на статистичката операција
ПРАВДА Во Кривичниот суд Скопје продолжи судењето за предметот „Меѓународен сојуз“, каде во судницата беше спроведен бизнисменот Јордан Камчев од Истражниот затвор во Шуто Оризари каде што издржува 30-дневен притвор.
Орце Камчев, кој денеска сведочеше во судењето предметот „Меѓународен Сојуз”, призна дека името на премиерот Зоран Заев било злоупотребено од обвинетиот Бојан Јовановски.
КОВИД-19 По порастот на бројот на заболени и хоспитализирани со Ковид-19 во државава, останува сегашната мерка полициски час од 22 часот до 5 часот, но доколку таа не ги даде очекуваните резултати не се исклучени нови рестрикции.
Хоспитализираните КОВИД пациенти ќе бидат попишувани од страна на нивните семејства.
Здравствените власти очекуваат поголеми количини вакцини против КОВИД-19 во земјава да стасаат до крајот на месецов или на почетокот на следниот. Уверуваат дека сите вакцини што влегуваат и ќе влезат во земјава се и ќе бидат безбедни.
Пуштена е во употреба онлајн платформата kovid19vakcinacija.mk на која граѓаните може да се информираат за вакцините, процесот и фазите на вакцинација
ИНТЕГРАЦИИ Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја започна работната посета на Шпанија. Централна тема на средбата на Османи со Санчез е Европското досие на Северна Македонија.
ЕКОНОМИЈА Комитетот на министри на Совет на Европа ја усвои Декларацијата за еднакви плати и можности за жени и мажи и ги посочи областите во кои треба да се преземаат активности со цел земјите членки на Советот да се справат со нееднаквостите во платите и можностите во вработувањето.
ПОЛИТИКА Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска ќе одржи подготвителна седница за предметите во кои е оспорена уставноста на Указот за Законот за ратификација на договорот со Грција (т.н. Преспанскиот договор) и Законот за ратификација на Конечна спогодба за решавање на разликите.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Бидејќи, порано или подоцна, ќе се најде начин како ВМРО-ДПМНЕ да си се ослободи од сегашново свое неспособно, вревливо, политички импотентно партиско раководство на чело со Мицкоски – ох, да, зависи, додуша, и кој нив ќе ги наследи! – и тоа ќе биде денот кога на СДСМ ќе му истече „билетот“ за продолжено „гратис возење“ од позиција на власт, можеби на радост на мнозинството гласачи веќе на следните парламентарни избори. Притоа, не е во прашање „возот“ на магистралните меѓународни и домашните реформски правци со кои СДСМ со Заев се обидува, со различен успех, да нè пренесе во нашата заедничка иднина. Визијата на СДСМ – а визијата е закон! – за македонското општество е сè уште далеку подобра од она што го нуди националистичката лева и десна конкуренција.“ пишува Сашо Орданоски во колумната „ „Последниот шинобус“ за Зоран Заев “
„Искуството покажува дека наједноставен начин за уништување на државните институции е нивната партизација. Партизацијата значи постепена замена на професионалните кадри во една институција (оние кои знаат, умеат и имаат искуство) со партиски кадри, оние кои немаат знаења ниту капацитети да ги извршуваат задачите на едно работно место, меѓутоа се лојални следбеници на партијата (која и да е) и послушни извршители на волјата на актуелното раководство (кое и да е).“ пишува Мирјана Најчевска во колумната „ Како да уништиш државна институција во три чекори “
„Главна причина за долготрајната блокада на политичките процеси во државата е тоа што на политичката сцена и натаму се присутни голем број со криминал и корупција корумпирани политичари.“ поентира Џевдет Хајредини.
И. К.












