НАСТАН НА ДЕНОТ: Марш за женски права под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“
По повод Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права денеска организираа „Марш за женски права“.
Под слоганот: „Држава што не постапува е држава што силува“, а поттикнати од случајот „Јавна Соба“, активистките упатија порака дека не можеме да бидеме слободни додека се уште се бориме за работнички права, достоинство и почит, живеејќи под закана од насилство и системска дискриминација. Маршот на кој излегоа неколку стотини луѓе е поддршка за сите жртви на криминалната „Јавна Соба“ и на родовото засновано насилство. Тие побараа од Јавното обвинителство и од Министерството за внатрешни работи да постапат кон кривичен прогон за сторителите од „Јавна соба“, како и за сторителите за делата загрозување на безбедност, ширење на расистички и ксенофобични материјал, посредување во вршење проституција и злоупотреба на лични податоци по пат на компјутерски систем.
Протестот започна во 15:00 часот пред министерството за внатрешни работи и заврши пред Паркот Жена Борец.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: ЦИВИЛ по повод 8 Март: Сите мораат да се вклучат за да стават крај на родовата дискриминација и насилството
По повод Меѓународниот ден на правата на жените, 8 Март, но и секојдневно, ЦИВИЛ го крева гласот во поддршка на сите жени во светот, и бара да се стави крај на дискриминацијата и насилството против жените. ЦИВИЛ бара од институциите, носителите на одлуки и законодавците да ги зајакнат постапките и процесите за доследно почитување на сите човекови права и слободи, а со тоа и правата поврзани со родовата еднаквост. Тоа подразбира и доследно спроведување и унапредување на законите за заштита на човековите права и слободи и за заштита од дискриминација по родова основа. Институциите на државата и на локалната самоуправа, како и општеството во целост, мораат да работат на еманципација и почитување на правата на жените.
За жал, одбележувањето на Меѓународниот ден на правата на жената во нашето општество децении наназад е сведено на исклучително ниско разбирање на човековите права и слободи, а со тоа и на родовата еднаквост, која ја гарантираат Уставот, законите и меѓународното право.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Политика– Целта на Законот за родова еднаквост е унапредување на родовата еднаквост, преку воспоставување на видливост, зајакнување на улогата на жените во секоја сфера на општественото живеење, како во јавниот, политичкиот и приватниот живот, рамноправен пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење.
Правда– Основното Јавно Обвинителство информира дека активно постапува за утврдување кривична одговорност во предметите поврзани со групите „Јавна соба“ оформени на социјалната мрежа „Телеграм“, каде истрагата за предметот познат како „Јавна соба 1“ е во тек и е во завршна фаза, додека предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка.
КОВИД-19– Комисијата за Заразни болести заедно со министерот за здравство Венко Филипче, по наглото зголемување на случаи заразени со КОВИД-19, предложија да се воведе полициски час, почнувајќи од среда (10.03.2021) од 22 часот до 05 часот следното утро, во времетраење од две недели.
Заклучно со денешниот ден, вакцинирани се вкупно 3546 здравствени работници.
Човекови права-Одбележан на 8 март секоја година, овој ден е симбол за историското патување на жените ширум светот за да добијат права и еднаквост. Тоа доаѓа како потсетување дека иако многу е постигнато, патот е сеуште многу долг и треба да се направи многу повеќе.
СЛОБОДНА ЗОНА
„ Последниот предлог на Заев за формирање обединувачка „политичка влада“, кој како „гром од ведро небо“, ја снајде македонската политика, претпоставувам дека збуни исто толку членови од неговиот СДСМ и оние од неговите коалициони партнери во Владата, колку што – по којзнае кој пат – ги фати сосема неподготвени лидерите на опозицијата, особено овие од ВМРО-ДПМНЕ. Впечаток е дека тамошното партиско раководство не само што не е во иста политичка „лига“ во која игра Заев, туку, со оглед на нивната неподготвеност, би требало да размислат и да го сменат „спортот“ во кој се обидуваат да се натпреваруваат со него: наместо во дриблања со топка, можеби би покажале подобар успех во фрлање пикадо или во летање змаеви, на пример?“ пишува Сашо Орданоски во колумната „Обединети за необединување“.
„ Политичките одлуки донесени во директната демократија нужно бараат повеќе време и подетална подготовка. Во земја како што е Република Северна Македонија, и каде што стана практика да се оди често на гласање и собирање потписи како иницијатива, ваквите постапки главно се административни, и логистички бараат време, голем работен тим и брзина на работа. Не би било во интерес земјата времето да помине поради подготвителни процедури до моментот на донесување одлуки, а исто така да се почне со полна пареа да се постигнат задоволителен прогрес за граѓаните во сите сфери“ пишува Сафит Зеќири во колумната „Државата да работи за народот, а не само за избори“.
„ Се разбира „Јавна Соба“ не е единствениот случај на неразрешено родово базирано или сексуално насилство. За жал, бројот на жени жртви на овие видови насилство е огромен иако многу малку од нас ги пријавуваат своите искуства. Јас само еднаш во животот имам пријавено сексуално насилство/вознемирување и тоа беше во основно училиште. Повеќе момчиња од нашето одделение почнаа сексуално да ги вознемируваат голем дел од девојчињата, вклучително и мене. Момчињата нè допираа за градите или за задникот без наша дозвола. Не би можела да најбројам колку пати јас бев сексуално вознемирувана во тој период, бидејќи беше навистина често. Не се сеќавам кога точно ѝ кажав на мојата класна наставничка за тоа што се случуваше или кој инцидент ја прели чашата, но се сеќавам како класната колективно им се дереше на момчињата пред целото одделение во училницата по македонски јазик.“ пишува Елена Гаговска во колумната „Жените во Македонија не сe еднакви сѐ додека не се расчисти „Јавна Соба““.
И.К.