ВЕСТ НА ДЕНОТ
Уште една недела да бидат затворени кафеаните и полицискиот час да трае од 20 часот навечер до 5 часот наутро, предложи Комисијата за заштита на населението од заразни болести до владата. Предлогот кој најверојатно ќе биде поддржан од владата, се должи на епидемиолошката слика во земјава, која, иако се подобрува, уште сугерира дека има притисок врз болничките капацитети.
Според забраните што се на сила, не смеат да работат угостителските објекти, освен за достава на храна и пијалаци и шалтерски. Полицискиот час наместо од 22 навечер до 5 часот наутро, продолжува да важи од 20 часот навечер до пет часот наутро, односно два часа подолго. Не смеат да се организираат конференции и семинари, забранета е работата на фитнес центрите и обложувалниците освен на шалтер.
„Протоколот е донесен на 30 јули 2020 година, го потпишав додека бев во болница. Тој протокол беше претставен како целина пред државната Комисија за здравство и тој протокол таму е усвоен и добил пас и ја организиравме конститутивната седница . Во моментот кога требаше да ја избереме Владата, Арбен Зибери пријави дека има симптоми, во меѓувреме знаете дека дадовме опозицијата да се размисли за онлајн работа на Собранието. Ни под разно не прифаќаа од опозицијата“, изјави на денешната прес-конференција спикерот во Собранието, Талат Џафери.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МЕРКИ Основниот кривичен суд во Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство и на останатите две лица опфатени со истрагата за набавка на софтвер, им определи мерки на претпазливост. Од судот информираат дека денеска двете лица биле повикани пред судија на претходна постапка при Кривичниот суд, да се произнесат во однос на предлогот.
СОРАБОТКА Помош и поддршка за прашањата поврзани со интеграција на армијата на Северна Македонија во НАТО структурите, обука и едукација во центри на грчката армија, соработка за низа теми од заеднички воен интерес, вклучува програмата за билатерална воена соработка за 2021 година потпишана меѓу Северна Македонија и Грција.
ЕКОНОМИЈА Секторот за туризам и угостителство продолжува да биде најпогоден сектор, каде што некои од неговите активности беа и продолжуваат да бидат целосно затворени. Ограничувањата на слободното движење, како резултат на пандемијата, влијаеа и на падот на бројот на туристи во земјата… повеќе во „Хотелиерството под милостина на државата“
ОБРАЗОВАНИЕ На учениците без можност да користат е-учебници, ќе им ги печати училиштето, информира Министерството за образование и наука
СУД Со сослушување на сведоци предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случувањата од 26 февруари за време на протестите за случајот „Монструм”, против обвинетите Фабион Идризи и Артон Садики.
ПРАВДА Откако станав министер за правда, мој приоритет е независно судство и работа без притисок. Ова, се разбира, не значи дека не постојат притисоци, ниту од политичка ниту од деловна страна. Нашата Влада ги тргна рацете од судството, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервју за српскиот весник „Политика“.
УРБАНИЗАМ Жителите на Ново Маало од овој викенд започнаа со собирање на потписи за петиција со која ќе бараат од Општина Центар и Владата да постапат согласно законите и да овозможат изградба на комплексот кој е предвиден да се гради на паркингот на Холидеј Ин
ИНТЕРВЕНЦИИ Сојузот на средношколци е загрижен за спроведувањето на договорот постигнат со Владата за државната матура 2020/2021 година откако матуранти информирале за професори од некои средни училишта кои изјавиле дека нема да почитуваат одредени точки во договорот. Во писмото упатено до премиерот Зоран Заев, министерката Мила Царовска и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска се бара да интервенираат за сите средни училишта истовремено да го почитуваат и спроведуваат договорот
СЛОБОДНА ЗОНА
„На крајот, по обичај, владејачкото мнозинство најде „скафандер“-начин да ги направи ирелевантни за изгласување на петтиот пакет помош, па и тие, доведени до свршен чин, дигнаа рака во корист на македонското граѓанство. Откако сите сфатија дека немаат со што веќе да манипулираат.
Со тоа продолжува традицијата според која секогаш кога треба само да поентираат, да дигнат два прста и да одржат победничка прес-конференција за својата конструктивност и искрена грижа за граѓаните, опозицијата како да ја фаќа паника дека ќе направат нешто исправно, некое добро за сите, им се јавува некаков „синдром Апасиев“, политички се парализираат и – не собраа храброст да се издигнат на ниво на предизвикот на моментот, да покажат дека во нив има капацитет и за водење, а не само за кочење држава“, вели Сашо Орданоски во денешната колумна Наместо онлајн, повторно останаа офлајн.
„Безброј луѓе ја продадоа својата „уметничка душа“ на партиските ѓаволи и станаа обична партиска пешадија. Познато е дека криминалните јадра на дел од политичките партии во земјата, имаат насушна потреба од целосно дисциплинирање на своето членство, ширење и заробување на што е можно поголем број луѓе кои, благодарение на професијата (новинари, интелектуалци, уметници, академија…), потоа стануваат алатки за пропаганда и продолжена политичка корупција.
Но, колку и да се моќни, политичките партии не можат да ги мобилизираат сите до еден и да ги стават во партиски огламник. Мелењето човечко месо за потребите на политичките партии (читај: партиски елити) не е својствено за сите партии. Од друга страна, во општеството има поединци, групи и организации кои не се помрднуваат од патот и правецот кои сами ги изградиле, следејќи ги својот систем на вредности и уверувања“, пишува Џабир Дерала во рафалот Црно-белиот свет на пропагандата
„Ако издржиш да читаш што вријат социјалните мрежи, не се надевај на мирен сон, од толку злоба и ако заспиеш ќе сонуваш Баба Роги со такви убавини што и ѓаволот ќе ти изгледа како Ким Кардашијан.
Несоницата била последица од прележана корона и ќе поминела. Јас оваа последица ја имам веројатно уште кога ни во Вухан не беа слушнале за овој вирус. Така е кај нас, прво се последиците па после се причините. Затоа сме 30 години во тунелот транзиција, стоиме на сред тунел и не знаеме каде да тргнеме. И едната страна и другата ни се чинат и како излез и какао влез“, вели Војо Маневски во колумната Корона сновиденија
Б. Јордановска