ВЕСТ НА ДЕНОТ: Усвоена потребата за донесување законско решение за задолжително пензионирање на 64 години
Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска во прво читање расправаше по измените и дополнувањата на Законот за работни односи кои треба да овозможат задолжително пензионирање на 64 години и 15 години стаж, а се поднесени од група пратеници. Комисијата ја усвои потребата за донесување на едно вакво законско решение, а пред второто читање треба да се одржи расправа со вклучување на сите засегнати страни, за да се чујат нивните мислења.Според анализите кои ги направиле предлагачите во координација со Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6000 лица.
Но, како што појаснуваат, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано продолжување на работниот однос. Со овие измени се предвидува прекинување на договорите за работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЗЕЛЕНИТЕ ДОАЃААТ 2020 – Конференција за зелени вредности, социјална правда и антинационализам, четврток, 19 ноември 2020, почеток во 12 часот.
„Зошто зелено? Единство на идеи и акции: зелени вредности, социјална правда и антинационализам – нов пристап“ е само еден од насловите на четирите сесии на Конференцијата „Зелените доаѓаат 2020“. ЗЕЛЕН ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, организира голема конференција која ќе се одржи утре, четврток, 19 ноември во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион) со почеток во 12 часот.
На конференцијата ќе говори Марион Краске од Фондацијата Хајнрих Бел, директорка на регионалната канцеларија за БиХ, Северна Македонија и Албанија. На листата на говорници се: Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за интеркултурализам, Илхан Рахман, заменик министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Џељо Хоџиќ од Агенцијата за остварување на правата на заедниците, проф. Мирјана Најчевска, како и претставници на други владини ресори, локалната самоуправа, невладиниот сектор и бизнис заедницата. На конференцијата ќе говорат и четворица претставници на ЦИВИЛ – Петрит Сарачини, Биљана Јордановска, Дехран Муратов и Џабир Дерала.
Алаѓозовски: Негувањето на меѓуетничките односи нема алтернатива
ФЛЕШ ВЕСТИ
Од 9 до 15 ноември шесте инспекциски служби во земјава спровеле вкупно 4.822 контроли. За непочитување на заштитните протоколи се затворени два угостителски објекта, еден во Гостивар и еден во Охрид, а издадени се и 13.676 решенија за изолација на лица болни од КОВИД, како и на лица кои биле во контакт со корона-заболени.
Има само пет инспектори на ниво на Град Скопје. За наредната година, со оглед на големата бројка на инсталации што ја имаме на терен, имам антиципација за осум нови луѓе, но и со нив најверојатно нема да се заврши целосно работата, рече в.д. директорката на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска.
Министерството за труд и социјална политика веќе ја изготвило драфт верзијата на законското решение за прогласување недела за неработен ден и ја доставило до министерствата и до Владата.
Членовите на Државната изборна комисија денеска извршија жребување за редоследот на кандидатите на локалните избори во Штип и Пласница, а имајќи ја предвид го предвид секојдневното зголемување на бројот на лицата со Ковид-19 и во самоизолација тие ја потенцираа потребата од доследно почитување на мерките за заштита од корона вирусот.
Основната плата на пожарникарите ќе биде зголемена 20%, согласно со барањата на пожарникарите и добиените судски пресуди, соопшти денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, по денешната средба во станицата на противпожарната бригада во Автокоманда.
Уставните судии со пет гласа „за“ и три против на денешната седница донесоа одлука да се запре постапката за оценување на уставноста на членот 11-а Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.
СЛОБОНА ЗОНА
„Како и да го завртиш, од кој кат и да го фрлиш, со која кофа на помија и да го потуриш, со каква квалификација и да го навредиш – Заев ќе се дочека на нозе и ќе продолжи да пропагира гушкање и со оние кои најмногу го мразат. Не знам кој ќе ме разбере, но ме потсетува на бесмртната Тојота Хилукс од ултимативните тестови за издржливост на Џереми Кларксон во „Топ гиар“: ја удираа во дрва, ја потопија во море, ја запалија, ја ставија на покривот од зграда што ја дигнаа во воздух… И само малку клемите да ѝ ги притегнеш, па пали-вози!“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Деветте животи на Заев“.
А. П.