Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, го пречека претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, на платото пред Владата на Република Северна Македонија, со официјална церемонија на највисоки државни и воени почести.
Во официјалната посета на нашата земја, хрватскиот премиер Пленковиќ го придружуваат министерот за економија и одржлив развој на Република Хрватска, Давор Филиповиќ и пратеничката во хрватското Собрание за албанско, босанско, црногорско, македонско и словенско малцинство во Република Хрватска, г-ѓа Ермина Лекај Прљаскај.
Премиерот Ковачевски ќе оствари тет-а-тет средба со премиерот Пленковиќ, потоа е предвидена билатерална средба на двете делегации, по што ќе следува заедничка прес-конференција.
Премиерот Ковачевски е предвидено да присуствува и на обраќањето на хрватскиот премиер Пленковиќ, пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.