ВЕСТ НА ДЕНОТ
По 20 години имавме успешен попис
Вкупното попишано население изнесува изнесува 2. 097 319 лица. Од нив, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи, покажуваат податоците од Пописот 2021 што денеска ги соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Според Симовски, вкупното резидентното население е 1 836 713 лица, а нерезидентното 260 606 лица.
„Од вкупното резидентно население 58,44 се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, додека од неризедентното население опфатено со пописот 24,45 се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци“, истакна Симовски.
Пописот покажал дека бројот на домаќинства е 598.632.
Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Целината е поголема од збирот на нејзините делови.“Нашето „Едно општество за сите“ е таа целина која ја прави нашата татковина, дом за сите! Овие пописни резултати ќе ги искористиме токму за тоа, за да продолжиме да ја развиваме, за сите нас, сите ние, заедно, за нашата држава!, напиша вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на неговиот фејбук-профил, каде што имаше видео обраќање по повод објавувањето на резултатите од Пописот.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Според Зеленски, сигналите од преговорите може да се наречат позитивни, но „овие сигнали не ги намалуваат експлозиите на руските гранати“. Тој вели дека ќе верува само во конкретни резултати.
Американскиот претседател Џо Бајден може да разговара со лидерот на Кремљ, Владимир Путин, доколку има видлива деескалација во Украина од Русија и јасна посветеност на дипломатијата, изјави директорката за комуникации на Белата куќа, Кејт Бедингфилд, на брифинг во Вашингтон, јави дописникот на Укринформ.
Илјадници цивили можеби загинаа во опколениот пристанишен град Мариупол од почетокот на бомбардирањето пред четири недели. „Мислиме дека може да има илјадници смртни случаи, цивилни жртви во Мариупол“, рече во виртуелно интервју Матилда Богнер, шеф на мисијата на ОН за човекови права во Украина, која распоредува околу 60 набљудувачи, пренесува Ројтерс.
ФЛЕШ ВЕСТИ
САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТ Институциите на Европската унија не се доволно заштитени од кибер напади, според истражувањето на Ревизорската управа, пренесува МИА. Бидејќи институциите на ЕУ се тесно поврзани, слабите точки кај која било од нив, може да предизвикаат закана за безбедноста, се наведува во заклучокот.
СУД Поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, обвинет во случајот,, ТНТ”, за уривање на објектот Космос, на денешното рочиште истакна дека планот за изградба на објектот бил предлог на инвеститорот (Фиат Цаноски), и финански покриван од него. Тој во својата одбрана посочи дека паркинг местата во Космос биле најголем проблем од почетокот, пренесува МИА.
СРЕДБА Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и Сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија Каролине Едштадлер, која се наоѓа во работна посета на нашата земја, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за разговорите од одржаната средба, информираат од прес службата на Владата.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ одржа панел дискусија на тема „Мултикултурализам, дискриминација и толеранција кај младите“,на кој учествуваа Самет Шабани од Хоризон Цивитас, Дејан Ризински од МОФ и Мелиса Кариман – Ромалитико. Настанот го модерираше Биљана Јордановска од ЦИВИЛ.
На панелот се отворија прашања за еднаквата основа за развој во различни сфери и аспекти, како што е застапувањето, образованието, вработувањата и слично, како да се креира и да се задржи таа еднаква основа, врз која се гради стабилноста на едно општество во сите аспекти. Со еднаквата основа за развој се почитуваат и човековите права и слободи, и се негува мултикултурализмот во нашето општество.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Европејците се особено чувствителни на „гафовите“ во однесувањето на Бајден. И тие едвај го преживеаја Трамп и со големо олеснување ја дочекаа убедливата претседателска победа на Бајден и враќањето на американската институционализирана демократија како легитимен и доверлив сојузник, силен фактор на обединување во консолидацијата на светскиот демократски поредок. Во тоа деликатно евро-американско „танго“ грешките во чекорите само му оставаат простор на Путин да го менува „музичкиот“ ритам во своја полза“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Гафовите на Бајден и судбината на Путин“.
Д. Муратов