• Latest
Добро утро со Орданоски

Гафовите на Бајден и судбината на Путин

March 30, 2022

Син бран ја менува Америка: Демократите го освоија Конгресот, Трамп ја губи политичката доминација во Вашингтон

November 4, 2026

Проширувањето на ЕУ забрзува, Северна Македонија ризикува да остане на маргините

November 4, 2026
Илустрација: ВИ

Црна Гора на чекор до ЕУ: 2028 како цел, Хрватска како главна пречка

November 4, 2026

ЗАПОЧНАА ЛИ БЕГСТВАТА? Прекинат летот на Вулин кон Москва

November 3, 2026
petar bogojeski

Реакции по дискриминаторските родови пораки на Богојески, коалициски партнер на Мицкоски

November 3, 2026

Афера Алта банка – партиски реакции: Опозицијата бара оставки, истраги и одговорност од власта

November 3, 2026

(ИНФОГРАФИК) Америка гласа: 210 милиони регистрирани гласачи, 57 милиони предвремени гласови, 470 места во Конгресот, изборен процес од 12 милијарди долари

November 3, 2026

Избори од речиси 12 милијарди долари: Маск вложи 474 милиони, Трамп во судска битка поради обвинувања за изборни измами

November 3, 2026

Аферата Алта банка се продлабочува: Стечај во Белград, 380 милиони евра под истрага и непријатни прашања за политичките актери

November 3, 2026

СДСМ поднесе интерпелација за Иван Стоилковиќ: Спорни политички настапи и однесување во Собранието

November 3, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ

Гафовите на Бајден и судбината на Путин

Бидејќи руските империјални амбиции дефинитивно се одлагаат за догледно време, работа на руските граѓани и политичари е, низ мачниот процес на интроспекција што им следува, да одлучат што ќе прават со Путин и со неговата актуелна оставина. Голем и доволно студен е Сибир за секакви можни решенија

March 30, 2022 07:12
in ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Добро утро со Орданоски

Добро утро со Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

САШО ОРДАНОСКИ

Во што е можеби суштинската разлика помеѓу демократијата и автократијата? Војната во Украина тоа одлично ни го демонстрира.

Имено, кога американскиот претседател „ќе откине зелена“ (а тоа го прави неколку пати со личните дисквалификации за Путин и за иднината на неговото владеење во Русија што, без разлика на точноста, не доликува да го изрече претседател на САД, на страна што оди во домашна политичка корист на опонентот), се активираат надлежните американски демократски институции (Стејт Департментот, претседателските советници, медиумите) и го „демантираат“ самиот претседател, со појаснувања, ревидирања и отворени критики за изреченото.

Кога, пак, рускиот претседател Путин „ќе откине зелена“ (а „позеленето“ му е целото завојувачко портфолио против Украина, што произведе голема меѓународна трагедија и речиси комплетен пораз на неговите политики, со катастрофални последици и по самата Русија), таму нема ниту кој да му се спротивстави, а не пак јавно да го „поправи“ кремаљскиот автократ.

Во демократијата, врвните политичари, па макар и со задоцнување, поднесуваат сметка пред институциите, дури и во оние што директно „ги владеат“. Во автократијата нема институции. Има само неприкосновен лидер кому сите му се плашат и постојат само за да му ги „аминуваат“ и да ги операционализираат неговите одлуки, колку непромислени и да се тие.

Бајден лично го презира Путин. Тоа не може да го сокрие, бидејќи јазикот му е побрз од мислата, наспроти големото меѓународно политичко искуство со кое располага. За таа лична пизма има многу причини и не само заради улогата на Путиновиот режим во американската демократска катастрофа со трауматичното искуството со Трамп, што ги доведе САД на работ од внатрешно-политички хаос со чии последици сѐ уште се справуваат. Сегашниот американски претседател е и со лична амбиција и мисија за консолидација на демократијата во светот, за што токму Путин му „овозможи“ извонредна меѓународна платформа и поттик, благодарејќи на неконтролираната агресија врз својот западен сосед, Украина. Демократската мобилизација што Бајден силно ја поттикна, само тој може силно и да ја загрози, ако во меѓународната заедница неговата суета се надвиси врз обединувачките демократски принципи.

Путин, пак, е опсесивно решен да ја расклати и да ја уништи западната демократија. За него тоа, веќе, не е само прашање за опстанокот на Русија, туку и прашање за негов личен опстанок, бидејќи ваквата Русија е Путин, во потполното средновековно разбирање на Луј XIV. Додека тоа беше некаков „рационален“ идеолошки концепт, натпреварот се одвиваше низ вообичаените меѓународни канали за конфронтација: енергетски уценувања, разузнавачки подметнувања, пропагандни натпревари, воено-индустриски надмудрувања, прокси-конфликти и пазарења „од дистанца“. Но, по очигледниот воен дебакл во Украина, потврден и со неочекуваните руски најави (додуша, сѐ уште се само најави) во преговорите во Истанбул за дефанзивно редефинирање на пропаднатите руските агресивни планови на украинските боишта, за Путин резултатите од неговиот неуспех му „чукаат“ на самата врата од неговиот претседателски кабинет. И нему, а и на престрашените лакеи околу него, му е јасно дека годинешнава московска воена парада за 9-ти Мај може да му биде последна на која ќе ѝ мавта од претседателската ложа.

Европејците се особено чувствителни на „гафовите“ во однесувањето на Бајден. И тие едвај го преживеаја Трамп и со големо олеснување ја дочекаа убедливата претседателска победа на Бајден и враќањето на американската институционализирана демократија како легитимен и доверлив сојузник, силен фактор на обединување во консолидацијата на светскиот демократски поредок. Во тоа деликатно евро-американско „танго“ грешките во чекорите само му оставаат простор на Путин да го менува „музичкиот“ ритам во своја полза.

Кризата во Украина е далеку од својата завршница, иако почетокот на крајот – најмногу благодарејќи на херојството на украинскиот народ и неговото политичко водство на чело со претседателот Зеленски – е веќе започнат. Но, после оваа длабока и болна глобална траума, не постои ни „левичарско“ ни „десничарско“ сценарио според кое Русија со Путин ќе може да ги нормализира своите односи со Западот, како ништо да не било. Разбирањето на европската безбедносна политика е темелно променето, со буџетски и економско-политички последици барем за неколку идни генерации. Бидејќи руските империјални амбиции дефинитивно се одлагаат за догледно време, работа на руските граѓани и политичари е, низ мачниот процес на интроспекција што им следува, да одлучат што ќе прават со Путин и со неговата актуелна оставина. Голем и доволно студен е Сибир за секакви можни решенија.

 


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ