„Со бремена сопруга и три малолетни дечиња живееме на улица и цела зима ја поминавме под мост. Се прехрануваме со собирање на отпадоци од контејнерите, бидејќи парите што ги земам како социјална помош, не ми стасуваат ниту за млеко за децата“, вели велешанецот Фадил Рашидов – Принц во разговорот за ЦИВИЛ Медиа.
„Зимам три илјади денари социјална помош, што не ми стига ниту за млеко за децата. Градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев еднаш ми даде шпагети, макарони и тоалетна хартија, и се пофалил дека ми дал сѐ. Пред неколку месеци, господинот Никола Груевски беше во Велес и кога се поздравив со него, малку му ја стиснав раката, тој побара да ја пуштам, а јас, држејќи му ја раката, му кажав дека сакам куќа, а не пари. Груевски им кажа на неговите помошници да ми земат контакт и дека ќе го решел мојот проблем, но оттогаш немам никаква помош“, изјави за Рашидов, за ЦИВИЛ Медиа.
Тој додава дека единствено за време на избори, политичарите го бараат и му ветуваат дека ќе го вработат и дека ќе го решат неговото станбено прашање. Во десетгодишното владеење на поранешниот премиер Никола Груевски, велешанецот со прекар Принц, со семејството живее на улица, но, сепак ни истакна дека „ако треба, и крв ќе даде за Груевски“.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента