Приказните на продавачите на уличното списание „Лице в лице“, претежно лица со попреченост или од маргинализирани и ранливи групи, се доказ дека може да се излезе од кругот на сиромаштијата и социјалната исклученост. Затоа тие треба да се помогнат со купување на списанието, што чини 100 денари, средства од кои тие добиваат половина, беше порачано на денешното одбележување на Меѓународниот ден на уличниот печат организирано од собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Одбележувањето на овој Ден во македонското Собрание, е во рамки на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, која се одржува од 5 до 11 февруари.
На одбележувањето беа присутни и продавачите на уличното списание „Лице в лице“ кои раскажаа дел од своите приказни, а можеа да ги чујат и македонските пратеници.
– Сметам дека е наша должност, како претставници на граѓаните, да се вклучиме во една ваква меѓународна прослава на трудот на овие луѓе, а со тоа и да ја поддржиме работата на продавачите на уличното списание „Лице в лице“, рече Самка Ибраимовски, кој бил иницијатор на одбележувањето.
Освен продавачите, на настанот присуствуваше и сликарот Сергеј Андреевски, голем поддржувач и пријател на платформата „Лице в лице“ од првиот број.
Посочи дека за разлика од почетоците, кога граѓаните ги одбегнувале овие продавачи, сега ситуацијата е многу подобра и оти се продаваат се повеќе списанија.
На таков начин, рече, се создаваат можности овие лица да работат и заработат и да не зависат од никого.
– Нив ги гледаме секојдневно на улиците, свесни сме за промената која им се случила, а дополнително, директно можеме да се вклучиме во градењето на овој систем кој ни носи добро на сите, вели Маја Раванска, уредничка на „Лице в лице“.
Меѓународната недела на уличен печат во Македонија се одбележува веќе шест години преку „Лице в лице“, списание кое има околу 40 продавачи кои работат во шест градови во земјава.
На глобално ниво, во ова одбележување вклучени се над 100 улични списанија и весници на 24 јазици, во 34 земји. Над 21.000 продавачи секоја година се вклучени во продажба на уличен печат, заработувајќи вкупно 34 милиони евра годишно.
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.