Собраниските партии се договорија, новиот претседател на Комисијата за избори и именувања ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ. Дел од медиумите објавија дека Илија Димоски е кадровско решение на ВМРО-ДПМНЕ за оваа функција. СДСМ на прес-конференција ги образложи причините, зошто ќе гласа за овој предлог.
„СДСМ прифати претседателот на Комисијата за избори и именувања да биде од ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се откочат процесите во Република Македонија, да профункционираат демократските тендеции. Со цел да не бидат заложници ниту граѓаните, ниту законодавниот дом на кој било политичар или политичка партија. На тој начин, сакаме да го ставиме во функција Собранието на Република Македонија како највисок претставнички дом на граѓаните“, изјави Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ на денешната прес-конференција во Собранието, по успешното завршување на координацијата на парламентарните партии.
Според Спасовски, оваа одлука на СДСМ е потребна, зашто така ќе се создадат можности за исплата на субвенции на земјоделците, ќе профункционираат институциите на системот, а со тоа ќе се почувствува и бенефитот од овие одлуки.
Денеска предлогот за претседател на Комисијата за избори и именувања ќе биде доставен до Собранието. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека Собранието во понеделник ќе расправа и одлучува за изборот на составот на Комисијата.
„Откако Собранието ќе гласа, треба да се свика заседание на Комисијата за прашање и именувања, таму да се разгледаат еден, два три, десет или сто, предлози за претседател на Собранието и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница, и тогаш, тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието“, изјави Димовски.
Тој не одговори на новинарско прашање, дали ВМРО-ДПМНЕ ќе има свој предлог за претседател на Собранието, ама ја акцентираше потребата од итно одржување на локални и предвремени парламентарни избори, во исто време.
На координацијата парламентарните партии се договорија, Комисијата за избори и именувања да ја сочинуваат 6 членови од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, и по еден член од ДУИ и Беса.
М. Талеска