МТСП
Денеска се отвори првиот Дневен центар за Даунов синдром во Република Северна Македонија. Новиот Центар се наоѓа зад Соборниот Храм, на вкупна површина од 381 м2. Вкупната инвестиција на МТСП за овој центар изнесува околку 6 милиони и 500 илјади денари. Целата адаптација и опремување на овој Дневен центар е во соработка со родителските здруженија на децата со Даунов синдром и комплетно одговара на потребите на децата за поддршка на нивниот психофизички развој.
Во Центарот е поставена опрема за подобрување на физичката состојба на децата, односно справи за трчање, пинг- понг маса, топки за пилатес, опрема за развој на фина моторика и друга дидактичка опрема, но и соби за одмор и хидро масажa. Дополнително, на долниот спрат е поставена кујна со сите содржини, бидејќи во иднина планирано е да се развие и социјално претпријатие, односно кетеринг сервис. На овој начин децата и младинците од Центарот со поддршка на стручни лица и родителите, ќе можат да бидат и работно ангажирани.
Реформи
Преку отворен повик денеска започнува процесот на самокандидрање на претседатели на општинските организации на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, откако претседателот на партијата, премиерот Зоран Заев, ги разреши сите 78 претседатели.
„Ги повикуваме сите заинтересирани членови на партијата кои ги исполнуваат критериумите да поднесат кандидатури. Отворени сме за сите кои сакаат да се вградат во внатрешните промени. Оние кои уживаат авторитет, углед и доверба во своите средини ги повикуваме да се пријават на овој јавен повик. СДСМ има огромен потенцијал и да го впорегнеме заедно целокупниот капацитет кој го имаме во интерес на граѓаните и иднината на државата и да служиме уште подобро“, изјави Костадин Костадинов, портпаролот на владеачката партија.
СЈО
Судењето за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и денеска повторно се одложи поради отсуства на обвинетиот Леко Ристоски, кој имал операција. Од истата причина вчера се одложи и рочиштето за случајот „Титаник“.
Судењето за „Талир“ требаше да стартува на 18 февруари, но оттогаш не е оддржано ниту едно рочиште, поради различни изговори.
Минатото рочиште беше одложено на барање на одбраната, поради поднесено барање за автентично толкување во Собранието на членот 22 од законот за СЈО.
Собранискиот спикер Талат Џафери писмено го известил адвокатот Дончо Наков дека Собранието сè уште не извршило автентично толкување на Законот за СЈО, бидејќи прво Владата треба да даде зелено светло. Наков кој е дел од обраната на обвинетите во „Талир“, за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе бара од Владата побрзо да се изјасни.
Адвокатот Александар Тортевски на својот Твитер профил денеска кусо го искоментира повторното одожување на предметот „И сега во наредните 20 години ние ќе расправаме дали СЈО или ЈО е надлежно да го гони предметот за незаконско финансирање на ВМРО. И се додека не падне во заборав и застари“, пишува Тортевски.
Здравство
Драстично се зголеми бројот на лица заболени со морбили во Штип. Првите случаи се појавија во една штипска конфекција, што деновиве се затвори поради 15 заразени работнички.
По овие информации ЦИВИЛ Медиа дојде до повеќе сознанија во врска со конкретниот случај. Се работи за конфекцијата „Нирвана фешн“, која е во ист објект со уште најмалку две конфекции. Исто така, за време на паузадел од работниците го користеле и заедничкиот двор. Работничките од други конфекции во Штип, пак, користат ист превозник за да стигнат на работното место како и вработените во „Нирвана фешн“.
Според првичните информации, дезинфекција и имунизација на вработените се извршила само во „Нирвана фешн“. Конфекцијата вчера веќе работеше со полно работно време.
Но, остана отворено прашањето дали за заштита на јавното здравје е безбедно да не се преземат никакви мерки кон вработените во другите конфекции кои делат ист објект со заразените и дали не постои опасност по нивното здравје? Остана отворено и прашањето, според организираниот превоз на работниците, од кои други конфекции во Штип работниците патувале заедно со заразаените работници и дали спрема нив се преземени некакви мерки за заштита на нивното здравје, како и дали има потреба да се изврши дезинфекција на автобусот кој го вршел превозот.
ДИК
Со Правилникот за определување надоместок на членовите на изборните органи и изборната администрација за спроведување на претседателските избори 2019 година и предвремените избори за градоначалници на општините Охрид, Ново село и Дебар, што беше усвоен на денешната седница на ДИК, по првпат се врши градација на надоместокот во зависност од неколку критериуми. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски изјави дека со овој Правилник покрај градација на Општинските изборни комисии по бројот на избирачките одбори за прв пат е извршена и градација на надоместокот на Избирачките одбори, бидејќи сите не се исти во својата работа.
ДИК предлага да се определи надоместокот за изборната администрација и лицата ангажирани во помошните тела врз основа на три критериуми: временски ангажмани, работни компетенции и работна успешност.
Единствено членот на ДИК Борис Кондарко не гласаше за Правилникот, бидејќи според него, одредени делови, односно критериуми се недоволно и несразмерно регулирани за конкретни категории на лица, како што се стручната служба и подрачните одделенија во ДИК.
ДИК досега ја реализирала првата транша доставена од буџетот на државата во висина од 100 милиони денари, а во тек е обработката и исплата за средства за вториот дел од кампањата.
Од државниот буџет за организација и спроведување на претседателските и вонредните локални избори добиени се над 7,7 милиони евра, од кои 3,7 милиони за медиумска кампања.
Членовите на Државната изборна комисија донеле одлука да не земат награда, односно надомест за изборните ангажмани, освен нивната плата.
Ристов: Треба да се направат уште многу работи за да станеме социјална држава
„Во времето на претходната владејачка структура национализмот заземаше повисоко ниво, како на локално така и на национално ниво. Национализам сè уште постои, но, се трудиме тој да биде маргинилизиран или игнориран во намала рака“, вели активистот Дејан Ристов, од Велес.
Д. Т.