ЦИВИЛ Медиа разговараше со Сашко Петров, советник во Општина Кавадарци, на темите – социјална правда, работнички права и екологија. Тој се залага за формирање на синдикални организации, чии интерес пред и над сè ќе бидат заштитата и унапредувањето на работничките права.
За подобрување на социјалната правда и на заштитата и почитувањето на работничките права во Кавадарци, Петров ја истакна потребата од поинакво синдикално организирање. „Потребни се синдикати што ќе ги бранат, не партиските, туку правата на работниците. Сметам дека тоа е иницијална каписла, формирање на здрави синдикати што се грижат за работничките права“, ни изјави Петров.
„Пред неколку години, имавме кампања што ја водевме против фабриката ‘Фени’, по која имаше намалување на производството, но тоа не ја намали високата стапка на загадување во Кавдарци. Како советник во Општина Кавадарци, имав поднесено амандман за истражување, за да се види причината за заболувањето од рак на граѓаните, но сѐ уште остана како еден вид амандман, иако беше прифатен од советниците и од самиот градоначалник“, изјави Петров, зборувајќи за најголемиот еколошки проблем во Кавадарци, апелирајќи до идните локални власти, итно да се спроведе истражувањето за високата стапка заболени од рак.
Новинар и монтажа: Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов