Владата на вчерашната седница, донесе дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, со која од државјаните на Република Србија, Република Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез на територијата на Република Северна Македонија, ќе се бара задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влезот и да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот.
Дополнувањето на одлуката стапува на сила од утре, 9 јули.
-Оваа наша одлука и препорака се должи исклучиво врз основа на податоците коишто ги собиравме изминатите денови, а коишто ни ја прикажаа вистинската епидемилошка слика во сите овие земји за која што ние сметаме дека е многу полоша од нашата во овој момент, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче кој беше на симулација на безбедно гласање во организација на ДИК.