Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот изјави дека не може да има победници во нуклеарна војна и дека таква војна никогаш не треба да се започне, пишува Ен-Би-Си Њуз.
Путин го даде коментарот во писмо до учесниците на конференцијата за договорот за неширење на нуклеарното оружје (НПТ), по повеќе од пет месеци од неговата војна против Украина.
„Ние тргнуваме од фактот дека не може да има победници во нуклеарна војна и таа никогаш не треба да започне, и се залагаме за еднаква и неделива безбедност за сите членови на светската заедница“, рече тој.
Меѓународната загриженост за ризикот од нуклеарна конфронтација се засили откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Во говорот во тоа време, Путин остро се осврна на рускиот нуклеарен арсенал и ги предупреди надворешните сили да не се обидат да се мешаат.
„Кој ќе се обиде да не попречи… треба да знае дека одговорот на Русија ќе биде итен. И тоа ќе ве доведе до такви последици што никогаш не сте ги сретнале во вашата историја“, рече тој.
Неколку дена подоцна, тој нареди руските нуклеарни сили да бидат ставени во состојба на висока готовност.
Војната во Украина ги подигна геополитичките тензии на нивоа што не се забележани од Кубанската ракетна криза во 1962 година.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во март рече:
„Изгледите за нуклеарен конфликт, некогаш незамислив, сега се враќаат во доменот на можностите“.
Политичарите и во Русија и во САД јавно зборуваа за ризикот од Трета светска војна. Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, во април рече дека со оглед на неуспесите што ги претрпе Русија во Украина,
„Никој од нас не може лесно да ја земе заканата од потенцијалното прибегнување кон тактичко нуклеарно оружје или нуклеарно оружје со низок принос“, изјави Барнс.
Русија, чија воена доктрина дозволува употреба на нуклеарно оружје во случај на егзистенцијална закана за руската држава, го обвини Западот дека води „прокси војна“ против неа со вооружување на Украина и воведување санкции кон Москва.
Подготви: Д.Мишев