Во Берлин се одржа Конгрес на европските социјалисти со поддршка од германската владејачка СПД, на кој учествуваат шефови на држави и влади, еврокомесари, партиски лидери и други претставници.
Европа е на околу една и пол година од следните европски избори. Нашиот Конгрес доаѓа во момент на суштински промени и големи неизвесности. Со мотото „Со храброст. За Европа“, лидерите на ПЕС ќе разговараат за политиките за справување со длабоките промени во меѓународната безбедност и мултилатералната рамнотежа, зголемените цени на енергијата и инфлацијата, кризата со Ковид-19, климатските промени и социјалните предизвици, се наведува во соопштението на европските социјалисти.
На Конгресот се избрани и нови членови на раковиодството на ова второ по големина, европско семејство во Европскиот парламент. За потпретседател на европските социјалисти за првпат на функцијата потпретседател е избран делегат од земја која не е членка на ЕУ. Оваа функција и е доделена на Радмила Шекеринска, поранешен министер за одбрана на Република Северна Македонија.
Ми претставува огромна чест да ве информирам дека на Когресот во Берлин ме избраа за потпретседател на Партијата на европски социјалисти (ПЕС). Честа е дотолку поголема што ова е прв пат ПЕС да избере на таа позиција личност која доаѓа од земја која не е членка на Европската унија. Благодарност до новиот претседател Стефан Ловен, кој го даде предлогот и до сите мои колеги кои го поддржаа, напиша на својот фејсбук-профил Радмила Шекеринска.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска и го честита изборот на Шеќеринска и го изрази своето задоволство.
Честитки Радмила! Изборот за потпретседател на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) е голем успех и убава вест за земјата и за сите македонски социјалдемократи! Особено што ова е првпат ПЕС да избере на таа позиција – потпретседател, личност која доаѓа од земја што се уште не е полноправна членка на ЕУ! Благодарност до ПЕС за поддршката и за одлуката! Радмила Шекеринска е вистинскиот избор!, напиша Ковачевски на својот фејсбук-профил.