Од корнер: Зоран Иванов
Разочараноста на граѓаните од партиски елити би требало да е добра можност за престојните избори партиите конечно да завртат друг лист. Да ги стегнат своите кадровски критериуми. На македонската политичка сцена да им престават личности. Афирмнирани, докажани, способни, авторитетни, ценети во својата струка, почитувани во средината во која работат и респектирани од нивните конкуренти.
Има такви, има. Но партиските водства опкружени со конверити, лицемерни клентелисти и корумпирани полтрони, не можат да ги видат. За нив се тие незабележливи зашто таквите не се лакташи, улизици, гребатори. Резултатот на тој партиски амбиент, на таа магична внатрешно партикса кадровска затвореност, државата и општеството ги доведоа до атрофија.
Во овие три децении со нашите партии криза до криза. На секоја ни попуваа и од неа нè извлекуваат странци. Без нив досега ќе отидевме јабана. Самите ништо. Додека македонските партиски експоненти меѓусебе си ги копаат очите, странците, меѓународната заедница, беа и уште се тие кои бдеат над нашата безбедност, меѓутетничка сигурност и унитарност.
Клучните партиски фактори уште не најдоа за умно барем малку да се европеизираат. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не го напуштаат примитивизмот во меѓусебната комуникација дури и кога теми се највиталните државни интереси. Дури и нивните програмски декларации за интеграции се туркаат исклучиво преку директната помош однадвор. Практично ништо без странците. Ништо без посредувањата на меѓународна заедница. Без оглед на нивните мотиви, излегува дека таа е повеќе заинтересирана за нашите стратегиски цели отколку се тоа нашите политички водства.
Но странските дипломати, за жал, ги нема на македонскиот избирачки список. А докажано, потребна ни е нивната енергија постојано да нè извлекуваат од сопствениот примитивизам. Еве и сега пред датумот за почеток на преговорите сè зависи од нив. На пролет преку труп ќе не турнат во преговорите. Не како резултат на нашите резултати, туку од нивните принципи и ветувања поради Преспанскиот. Сето поради фактот што двете водечки политички структури уште не најдоа за умно барем малку да се европеизираат. Дури ни ова сегашно постпреспанско и интеграциско време не им е доволен мотив разумно да се посветат на дофатливите евро интеграции.
Затоа, како од насловот на текстов, да дозволиме странци да се најдат на партиските изборни листи. Белким тоа ќе помогне изборните битки да не се сведуваат само на примитивна борба за државниот буџет. За клучот до тие големи пари со кои кај нас се владе со сè и со сите. Со стопанството, компаниите, тендерите, инвестициите, платите, вработувањата…
Странци макар како контрла на патот на интеграциите. Без нив, уште поприлично долго, не ќе нè бива. Па кога е веќе потврдено така, ако граѓаните не им веруваат на нашите, тогаш за своите изборни листи партиите нека си позајмат странци на кои граѓаните желни за правда и за елемнтарно спастрена држава ќе им ја даваат довербата.
Неможно е тоа да се случи. А баш некако би било добро. Би било супер да победи партија која на својот кандидатски список ќе има и докажани и посветени странци.
Еве, на пример, која партија ќе го има германскиот експерт Рајнхард Прибе за носител на листа.