Не стивнуваат реакциите на меѓународната заедница, по вчерашната прес-конференција на Ѓорге Иванов, на која, по два дена исчекување, изјави дека сепак, нема да го додели мандатот за формирање влада на Зоран Заев, претседателот на СДСМ.
„Резултатите од декемвриските избори се солидна основа да се формира влада која ќе им служи на интересите на сите граѓани“, “Владеењето на правото море да надвладее. Ќе го посетам Скопје следната недела, ќе се сретнам со официјални лица, политичари и граѓанското општество“, стои во двете пораки кои ги објави генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, на својот Твитер профил.
И Европските социјалисти во Европскиот Парламент со осуда за одлуката на Иванов. Потпретседателот на Групата на европските социјалисти Виктор Боштинару и Тонино Пицула, известувач во сенка на Европските социјалисти во Македонија, со заеднички став дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со Иванов се спремни да ги искористат сите средства кои ги имаат на располагање да избегнат да одговараат пред СЈО и се користат со неуставни средства за да ја спречат опозицијата да дојде на власт.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи на својот Фејсбук профил напиша дека е загрижувачко тоа што се случува во моментов во Македонија.
„Со својата одлука, претседателот Иванов ја погреба демократијата, не признавајќи ја на тој начин волјата на граѓаните, Уставот и законите и го погреба Охридскиот договор. Албанците и Македонците се народи кои учествуваат во изградбата на државата и Македонија треба да биде држава на сите нејзините граѓани. Без еднакви права на Албанците и Македонците, се губи смислата на функционирањето на државата Македонија. На крајот, Албанците треба да ја земат судбината на своите права во свои раце“, смета Тачи.
По реакцијата на Еди Рама, премиерот на Албанија, и Министерство за надворешни работи на Албанија, синоќа одржало вонредна седница. Како што објавуваат албанските медиуми, на средбата биле договорени наредните чекори кои ќе ги преземе официјална Тирана за најновите состојби во Македонија.
Официјална Москва, до овој момент е единствена која во своето последно соопштение не ја осудува одлуката на Иванов да го прекрши Уставот и законите.
„Запад, преку албанското малцинство, се обидува да ја донесе на власт во Скопје поразената опозиција, која ставила потпис на ултимативните барања на Албанците кои водат кон поткопување на уставното уредување на земјата. Продолжувањето на деструктивните обиди да се наметнат однадвор шеми кои се во спротивност со волјата на македонските избирачи, може само да ја влошат ситуацијата“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.