Говорот на омраза од собраниската говорница може да се „претвори во бомба“ што е сериозна закана за меѓуетничките односи, истакна пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, на дебатата „Етничката омраза од собраниската говорница“, што ја организираше „Цивил“.
„Без разлика на тоа што не сум Македонец, во говорите во Собранието најмногу боли тоа што што пратениците од опозицијата прават поделби меѓу македонскиот народ. Се обидоа да нè изолираат нас и да се фокусираат на поларизирање на македонската заедница, иако треба да се издвои како недоличен напад врз пратеничката Санела Шкријељ на која и порачаа дека тие (пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, н.з.), не сакаат идните генерации да имаат збунет идентитет. На мојата реакција, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ само ја усложни својата ситуација со дополнувањето дека нејзината квалификација за збунет идентитет се однесувала на пратеничката група на СДСМ, без да размисли дека токму таа пратеничка група е составена од Македонци, Бошњаци, Роми, Турците, Власите и други претставници на етничките заедници. Треба да се внимава, особено пратениците, затоа што ние не фрламе „безопасни камчиња“, туку нашите изјави можат да се „претворат во бомби“ што дополнително и сериозно да им наштетат на меѓуетничките односи“, истакна Рамчиловиќ.
Тој нагласи дека „одредени структури не ја научиле лекцијата од 27 април 2017 година кога насилствата во Собранието беа предизвикани и како резултат на говорот омраза“.
„Ние пратениците сме тие што треба да имаме релаксирани односи во поглед на етничката, верската или некоја друга припадност, а не да се поведуваме по граѓаните, без ралика на тоа дали некои можеби дел се изманипулирани, а дел веруваат во тоа што го застапуваат“, рече Рамчиловиќ.
Тој додаде дека претставник на Бундестагот во едно свое интервју истака дека за прв пат виде пратеници кои во парламент што се однесуваат како деца, со вувузели, со толку навреди и клевети.
Рамчиловиќ истакна дека треба повеќе да се работи во образованиото, бидејќи таму се создава човечки капитал.
„Во најголемиот дел од учебниците по историја пишува – тој што си ја знае историјата, повеќе ќе си ја сака татковината“. Што има врска со тоа кој колку ќе ја сака својата татковина ако некој има 5-ка или 2-ка. Исто така стои во учебници дека „државата на македонскиот народ и граѓаните, правата на малцинствата или етничките заедници, се дури и повеќе од што предвидуваат меѓународните стандарди“. И дете како дете кога ќе учи такво нешто ќе дојде во ситуација ако е Македонец да биде и дарежлив и жртва на сопствените сограѓани. Можеби и пратениците се водат по тоа дека некому нешто даваат. Всушност, никој никому ништо не дал, сите сме едно исто. Се соочив со тоа да ми кажат „Македонија ти даде сè“, меѓутоа и јас на Македонија и дадов сè.
Пратеничката функција е минлива и по завршување на мандатот ќе треба да се вратиме на своите претходни работни места. Затоа не треба да заборавиме кои сме и дека ние им служиме на граѓаните. Ние сме мултиетничко општество и во тоа е богатсвото на нашата држава, токму различностите“, нагласи Рамчиловиќ.
Тој потенцира дека омразата не носи ниту политички бенефит и дека тоа е погубно за сите.
„Ние ќе се обидеме во Собрание и надвор од него да донесеме некакви механизми кои ќе го санкционираат говорот на омраза, а не да остане само на совеста на пратениците, бидејќи некои не се водат според совеста туку според други интереси“, нагласи Рамчиловиќ.
текст, фотографија и камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети