ВОЈО МАНЕВСКИ
Процесите во општеството одат паралелно, но и се заплетуваат меѓу себе. Со време, таквиот заплет ја дави заедницата на сите полиња, сопирајќи го нејзиниот развој. Ова, како секојдневие во кое живееме, веќе триесет години им е познато на најголемиот дел од граѓаните на нашава напатена држава. Досега не се смогнаа сили да се започне со процесот на расплетување на разните мрежи меѓу политиката, бизнисот и криминалот. Сето ова е покриено со општествената болест наречена корупција. Македонија не е изолиран остров и добро е што е така.
Многу спинови прочитавме за бескорисноста на нашето влегување во НATO и тоа мора да се сфати како дел од целиот тој сплет на интереси, кои ја притискаат нашата држава. Во деновите кога водечките политички партии бираат нови раководства често се поставуваше прашањето – како се случи тоа да е во ист ден? Случајно или не, веќе и не е важно. Според мене поважно е што идните претседатели најавуваат измени во функционирањето на нивните партии и нови лица во раководствата. Знаат ли тие нешто, што јавноста не го знае? Секако дека е така, а потврда наоѓам и во колумните на добро упатените новинари.
Ајде да се обидам да ви ја пренесам целата слика што полека се појавува од маглата на домашните политички делувања. Во јуни, во Вашингтон е започната опсежна операција за стабилизирање на приликите на Балканот. Започнато е испитување на активностите на низа на балкански политичари и „бизнисмени“. Целата операција е поддржана од Стејт департмент со разместување на искусни дипломати во кризното Балканско подрачје. Сите тие имаат долгогодишно искуство во земјите од регионов. Кон оваа иницијатива пред една недела се придружи и Обединетото Кралство со назначување на свој специјален претставник во лицето на поранешниот генерал, Стјуарт Пич. Тешка артилерија не се ангажира за мали цели, го објасни ова еден наш генерал.
Во јуни е донесена одлука да се оди со таканаречениот Магницки закон. Тој закон има екстериторијални овластувања за органите на САД. Законот значи спроведување на санкции врз носителите на криминални и коруптивни процеси кои ги засегаат американските интереси. Постапката на овој закон е исклучително сложена и ги опфаќа трите министерства на САД: Секретаријатот за правда, Стејт департментот и Министерството за финансии.
Постапката по овој закон ја потпишува претседателот на САД и потоа почнуваат постапките на надлежните американски органи. Санкциите кои ќе се одредат се за лица вклучени во корупција и криминал, им се замрзнува нивниот имот во компаниите каде што американските граѓани и компании имаат свои акции или било кое друго влијание. Тоа значи дека се испраќа известување до компаниите кои имаат соработка со сомнителниот капитал, стекнат со корупција или криминал и се бара од нив да ја прекинат соработката со поседувачите на таквите средства. Во спротивно, се спроведува постапка и за нив низ органите на Министерството за правосудство на САД. Кај познавачите, спроведувањето на Магницки законот се нарекува – тивко давење.
Зафатена со внатрешните случувања и со „добрата“ волја на Бугарија, македонската јавност ја пропушти информацијата за објавената вест за триесет и шест лица од соседна Србија за кои ќе бидат воведени санкции според овој закон. Од БИХ стигнуваат вести дека е можно идната недела да се објави списокот на лица кои ќе бидат опфатени со санкции, а бројот нема да е помал од оној во Србија.
Добрите познавачи на приликите зборуваат за четири лица од Република Северна Македонија, кои ќе бидат на оваа листа. Никој не може да предвиди кога ќе биде готова конечната листа и од кога ќе започнат санкциите, но се знае крајниот рок за тоа. Засега тој датум е одреден за крајот на март идната година. Ќе бидат опфатени шест земји од регионот кај кои ќе започне расплетување на јазлите во политиката, криминалот и корупцијата. Целиот процес треба да се сфати како дел од стабилизацијата на регионот и решавањето на замрзнатите конфликти. Може да се очекуваат низа на изненадувања во целиот процес, како во поглед на санкциите така и во поглед на лицата кои ќе бидат санкционирани.
Она што е важно во спроведувањето на овој закон е дека не се најбитни само личностите кој ќе бидат на списокот, туку и сите кои се поврзани со штетните процеси на пљачкање на граѓаните на посочените земји.
Добра вест за македонските граѓани, кои на последната анкета на врвот на недовербата и негативното мислење ги ставија правосудните органи е објаснувањето за опфатот на лицата и органите со Магницки закон. Ќе се стават под санкции и барање за процесуирање и обвинителите и судиите, кои го попречуваат процесот на борба против корупцијата и криминалот.
Органите на САД кои ќе постапуваат по овој закон, фактите за процесите ги прибираат од органите на државата каде ја спроведуваат екстериторијалноста и од податоците кои нивните Д.К.П. ги прибираат, како и органите на другите две министерства, кои се задолжени за делување со овој закон.
На пример, доколку кај некој обвинител се доставени податоци за корупција или криминал, а тој не постапува според овластувањата или низ процесите на системот го кочи предметот, ќе се воведат санкции и ќе се бара негово процесуирање. Правната основа за ова барање пред домашните органи е во договорите со САД и помошта што ја даваат за реформи во правосудството. Треба да се види износот на средства што за таа намена досега ги има примено Министерството за правда или судовите и обвинителствата во РСМ. Тие средства се врз основа на договори за зајакнување на капацитетот на правосудните органи. Сега ќе се бара одговор за тоа зајакнување.
Истото важи и за судиите кои ги држат предметите во процес на постапка во неразумно долги временски периоди. Јавноста се сеќава на ставовите на американската амбасада за неразумните судски рокови при водењето на судските процеси. Според познавачите на процесот кој се најавува, американските органи секогаш постапуваат според веќе добро утврдени факти и податоци. Затоа се очекува низа на „експертски“ и други спинови во јавноста со кои ќе се претстават санкциите како штетни за независноста на државата и нејзините органи, за неспроведливоста на санкциите или за недозволивоста за мешањето во внатрешните работи на една независна држава. Секако, тоа е очекувана реакција на целиот сплет на корупција што ја дави нашата држава. Бидејќи фактите се јасни, ќе се користи пропагандата за одбрана на центрите кои со пари и моќ се стекнале преку корупција, криминал или злоупотреба на политичката положба. Корист од расплетувањето на овие плетенки ќе имаат граѓаните од сите националности во Македонија, но мора разумно да се поддржи целиот процес.
Дали најавите за нови лица во раководството на партиите е само пропаганда или добра информираност на идните носители на партиските челни позиции?
Што мислите вие почитувани сограѓани?