Министерството за здравство попладнево информира дека министерот, д-р Беким Сали денеска го разрешил од функцијата и организацискиот директор на Универзитетската клиника за детски болести, Аљајдин Мемеди.
„Организацискиот директор на оваа Клиника се разрешува од функцијата пред истекот на времето за кое е именуван, поради утврдени нерегуларности во извештајот од извршената контрола на работењето на оваа Клиника. Контролата е спроведена од Фондот за здравствено осигурување“, се вели во соопштението од МЗ.
Претходно денеска, Министерството за здравство соопшти дека по барање на министерот за здравство се поднесени оставки од двајца директори на универзитетски клиники. Станува збор за директорката на Универзитетска клиника за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова, и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, д-р Никола Васев.