За почеток, директор/сопственик/менаџмент на телевизија не смее да се меша во уредувачката политика на емисијата, вели новинарката и уредничка во Либертас.мк, Лени Фрчкоска, во изјава за ЦИВИЛ, по повод скандалот во ТВ Канал 5, чиј директор грубо ја прекина емисијата „Само вистина“ и го избрка од студиото угледниот интелектуалец и прв човек на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани.
Според Фрчкоска, одлука за прекинување на емисија или дебата може да донесе новинарот, или уредникот/ главниот уредник, а не директорот или менаџментот на телевизијата.
„Тоа претставува кршење на автономијата на новинарот, а наводно грижливото и патронизирачко ‘извинете му се на новинарот’ е, всушност, понижување на новинарот“, констатира Фрчкоска во изјавата за ЦИВИЛ.
Таа посочи дека „новинарот или уредникот (повторно – не директорот или сопственикот) имаат право и обврска да отстранат гостин, доколку тој инсистира да продолжи да користи говор на омраза, откако е предупреден.“
„Со долгото емитување на ток шоуа со повторувачки и еклатантен говор на омраза на основа на расен, национален, родов итн. идентитет за кои се правдаа со „тоа се надворешни проекти на чие уредништво немаме влијание“ (притоа, не гледаа проблем да им обезбедуваат време и ресурси, и тогаш беше директор Мирчевски, па не се јавуваше скандализиран од содржината) за кои никогаш не се извинија – лицето на таа телевизија е извалкано“, истакна Фрчкоска во изјавата за ЦИВИЛ.
„Па макар биде дополнително патетични и отвориле уште 5 соби за молитва“, заклучува иронично Фрчкоска.