Поглаварот на Исламската верска заедница Реис ул улема, Сулејман Реџепи, за претстојниот референдум во интервју за агенцијата Журнал, повика на масовна излезност на муслиманската заедница, и побара од нив да гласаат според определувањето, а не со емоции.
„ИВЗ меѓу првите со заклучоци од нејзиниот Ријасет јавно го изрази својот став „за“ евроинтеграцијата на Република Македонија и апелираше до сите верници, без разлика на етничката припадност, да придонесат со глас на претстојниот референдум за реализација на овие аспирации. Од друга страна, и јас, со изјави, како и со колумни и авторски тесктови објавени во различни медиуми, го изразив јавно позитивниот став за ова прашање, елаборирајќи, не со емоции туку со факти и анализи“, вели во интервјуто.
Тој во интервјуто изјави дека и институцијата на чие чело е, и тој лично, во евроинтеграциите гледа добра можност за ревитализација на општеството и ослободување од еден дискриминаторски и непродуктивен систем.