Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повторно се појави на страниците на македонсите медиуми задолжени за ширење на руските пропагандни наративи во македонскиот информативен простор.
Според третманот што го има и фреквенцијата на пренесување на изјавите на Песков во дел од македонските медиуми, се добива впечаток дека или портпаролот на Кремљ истовремено е и портпарол на владата на Северна Македонија, или Северна Македонија е полуавтономен регион во Руската Федерација.
Речиси секоја изјава на портпаролот на Кремљ, се пласира некритички на овие медиуми, без разлика каква имплементација ќе има врз проевропската ориентација на Северна Македонија, која за чудо, и покрај бројните (внатрешни и надворешни) препреки со оваа влада, сѐ уште опстојува.
Имено, дел од македонските медиуми синхронизирано, со идентичен текст и наслов ја пренесоа изјавата на Песков: Москва гледа дека Европа се подготвува за војна со Русија, дадена во интервју за весникот Life, а пренесена, се разбира од руската државн режимска новинска агенција РИА Новости.
Беспредметно е да повторуваме дека РИА Новости е забранета за реемитување во Северна Македонија.



Тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридните закани (ЦХТМ), забележува дека засилена фреквенција на руските пропагандни наративи во дел од македонските медиумите пред и за време на изборите, не ослабува ниту по нивното завршување. Особено се засилуваат по негативниот извештај на ЕК за напредокот на земјава во процесот на пристапување кон ЕУ, но и во соседна Србија, што може да се констатира и од делот од текстот во кој се вели дека Москва ја дели оценката на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој, откако исто така го доби најнегативниот извештај од ЕК за Србија, почна да изјавува дека Европа јасно се подготвува за војна со Русија и се додава изјавата на Песков дека „визијата на Москва се совпаѓа со онаа на Белград и силните промилитаристички чувства навистина преовладуваат во Европа“.
Пренесувањето на изјавите на Песков не се само дел од руските пропагандни наративи, туку го отсликуваат и правецот кој овие медиуми, заедно со дел од политичките чинители во земјава го трасираат кон „српско-рускиот“ свет.
Користејќи го моменталниот „вакуум“ создаден од застојот во преговорите за членство во ЕУ, оваа проруска медиумска групација, со постојаното, репетитивно пласирање на руските пропагандни наративи има за цел да внесе сомнеж и да ги одврати граѓаните од поддршката за НАТО и ЕУ, и да ги насочи кон наративите на одредени политички опции и нивните надворешни нарачатели, дека за иднината на Северна Македонија не е круцијално членството во евроатлантските сојузи, туку има и други, „подобри“ алтернативи, кои доаѓаат од истокот.
За потсетување, извештајот на ЕУ се нотира дека „Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание, вклучително и напори за поделба на општественото ткиво на земјата и искористување на антиевропските чувства, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание“, од каде недвосмислено произлегува оската Скопје-Белград-Будимпешта-Москва.
Впрочем, Тимот за мониторинг на хибридни закани на ЦИВИЛ, низ серијата извештаи за рано предупредување за хибридна војна на ЦИВИЛ, продуцирани во рамките на проектот „Демократски навигатор“, веќе предупреди на стратешката ранливост на Северна Македонија од руските хибридни операции и даде препораки за зајакнување на институционалната и граѓанската отпорност на ваквите закани.
Драган Мишев, во соработка со Тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридните закани (ЦХТМ)












