Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди сериозни слабости во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, оценувајќи дека иако финансиските извештаи за 2024 година ја прикажуваат реалната финансиска состојба, работењето не е целосно усогласено со законската регулатива, воспоставените политики и процедурите. Ревизорите изразија мислење без резерва за финансиските извештаи, но мислење со резерва за законитоста на работењето.
Еден од најсериозните наоди се однесува на намалувањето на државните резерви на нафтени деривати. Според ревизијата, покриеноста на резервите е намалена од 52 на 42 дена, што е значително под стандардот утврден со Директивата 2009/119/ЕЗ на Европската Унија, според која државите треба да обезбедат резерви за најмалку 90 дена нето-увоз.
Ревизорите оценуваат дека ваквата состојба е резултат на долгорочно користење на резервите за справување со енергетската криза, наместо нивно користење исклучиво како привремена мерка предвидена со закон. Дополнително, осум години останува нерешена позајмицата од 600.000 килограми мазут што Министерството за одбрана ја презело во 2017 година за потребите на Армијата. Вредноста на невратениот мазут изнесува околу 16,7 милиони денари, а неговото невраќање директно придонесува за намалување на расположливите државни резерви.
Извештајот посочува и на институционални пропусти во управувањето со системот. Агенцијата не доставила предлог-одлуки за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви до надлежното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини за 2022, 2023, 2024 и 2025 година. Поради тоа Владата не ги донела законски предвидените одлуки за управување со резервите.
Покрај тоа, ревизорите констатирале дека Агенцијата нема воспоставено сектор за внатрешна ревизија, не постои методологија за вреднување на залихите, а дел од законските надлежности меѓу Владата и ресорното министерство остануваат нејасно распределени, што создава дополнителни слабости во системот на контрола.
Ревизијата открива и проблеми во кадровската политика. Во јули 2024 година за вршител на должност директор бил именуван Неџмедин Садики, иако, според ревизорите, не ги исполнувал законските услови за најмалку пет години раководно искуство во областа на енергетиката. Истовремено, самиот Закон за задолжителни нафтени резерви не го дефинира мандатот на директорот, ниту ја предвидува функцијата „вршител на должност“, што остава простор за различни толкувања и политички влијанија при именувањата. Финансиските извештаи се одговорност на тогашните раководители – Уљси Бекири, кој ја извршувал функцијата в.д. директор до 30 јули 2024 година, и Неџмедин Садики, кој ја презел функцијата потоа.
Во делот на финансиското работење, ДЗР констатира неправилности при исплатата на плати и надоместоци. Исплатите биле пресметувани врз основа на бодови повисоки од оние предвидени со Законот за административни службеници, а евиденцијата за прекувремена работа не била целосна и доследно водена за сите вработени. Дополнително, не биле целосно реализирани ниту препораките дадени по претходната ревизија во 2018 година.
Особено значајно е што Агенцијата не доставила забелешки на нацрт-извештајот на ревизорите, што укажува дека наодите не биле оспорени.
Ревизорскиот извештај отвора сериозни прашања за способноста на државата да обезбеди стабилно снабдување со енергенси во услови на можни идни кризи. Намалувањето на резервите, долгогодишното невраќање на позајмените количини, институционалните слабости и недоволната внатрешна контрола укажуваат дека управувањето со еден од најважните стратешки ресурси бара итни законски, организациски и управувачки реформи за да се зајакне енергетската безбедност на државата.
Б. Ј.













