Украинските воени сили ќе ја ослободат целата територија на земјата од руските освојувачи, вклучувајќи го и Крим, го пренесува Укринформ министерот за одбрана на Украина Олексеј Резников во разговор за Си-Ен-Ен.
„Ќе ги ослободиме сите наши територии, сето тоа, вклучително и Крим. Крим е стратешка цел за Украина бидејќи е украинска територија. Но, ние ќе се движиме чекор по чекор“, изјави Резников во интервјуто за Си-Ен-Ен.
Резников рече дека првиот чекор ќе биде стабилизирање на ситуацијата на теренот за да се спречат дополнителни загуби против руските сили. Втората фаза, рече тој, е потиснување на руските сили назад на нивните позиции пред инвазијата на 24 февруари.
Само во третата фаза, нагласи министерот, ќе има дискусии со партнерите на Украина за тоа како да се ослободат територии, вклучително и Крим.
На прашањето дали обидот за повторно заземање на Крим со воени средства дополнително ќе ја испровоцира Русија – која смета дека Крим е дел од Руската Федерација – Резников рече дека тоа не доаѓа предвид.
Не е важно. Затоа што тие [Русите] ќе го видат тоа во Херсон, ќе го видат во Запорожје, ќе го видат и во Мариупол, но, тоа се украински земји, а Крим е исто така украинска земја, без разлика ” рече тој
Тој во интервју за Си-ен-ен одби да даде точни бројки за украинските загуби, но, изјави дека се надева дека „бројот е помал од сто илјади“.
Десетици илјади Украинци се убиени од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, смета Резников.
Резников не се сложува со најновата проценка на САД за убиени 16.000 руски војници од почетокот на инвазијата. Тој верува оти бројот на нивните жртви е значително поголем.
Подготви: Д.Мишев
.