Мимоза Ристова, професорка, доктор на науки, физичар, научник на годината на УКИМ, авторка на стотина научни трудови во изјава за ЦИВИЛ Медиа се соврнува на мултикултурализмот во земјава, нејзините искуства со прифаќање и третирање на различноста надвор од земјава, со исклучително силна порака до сите чинители во земјава.
Можам да кажам дека Америка е многу далеку отидена во заложбите да го направи тоа „Едно општество за сите“, иако во Америка се чувствува дека тоа се уште не е едно општество за сите. Уште има сериозна сегрегација, здравствениот систем им е непристапен за слоевите на луѓето што немаат приходи, соодветни на барањата на осигурителните компании. Мултикултурализмот јас го видов во училиштата на моите деца. Нивната интеграција во училиштето… со таа леснотија тие ги прифаќаат јазичните бариери, мултикултурализмот во училницата, деца со посебни потреби, тоа беше толку добро организирано, што тоа треба една држава преку образовниот систем да го имплементира тука. Значи ние тука треба од прво одделение да ги учиме децата да се почитуваат едни со други, да се помагаат, да се грижат за децата со посебни потреби, посочува Мимоза Ристова за развојот на мултикултурализмот во Америка.
Едно нешто што ми остави голем впечаток, децата добија инструкции дека морате да му помагате, со распоред на часови, кое дете кога ќе му помага на детето со посебни потреби, значи тука сите се вклучени, затоа што еден ден може и вас ќе ви се роди вакво дете, и треба да бидете среќни дека сите ќе ви помагаат, за да можете полесно да го пребродите недостатокот, и да го надминете, и да го вклучите тоа дете во општеството, како продуктивен чинител. Таму децата со тризомија 21 веќе работат, разнесуваат пошта. Сепак, ќе кажам дека таму мултикултурализмот е во високо ниво на развој, меѓутоа се забележува дека општеството не е еднакво за сите. Не може да биде еднакво за богатите и за сиромашните.
Многу е тажно, бидејќи Македонија има можност, доколку има лидерство, доколку некој што знае, дојде на позиција на која што може да се направи промената. Потребно е шаховските фигури да се наместат на позициите каде што можат да влезат во инвазија на полето на мултикултурализмот, еве да речеме дека идејата на Гоце Делчев фактички било тоа културно поле за натпревар помеѓу народите. Тоа би било тоа. Мултикултурализмот би било остварена идејата на Гоце Делчев. Ние треба да се натпреваруваме кој подобро, а не да се тепаме едни со други, за кој полошо, порачува Ристова.
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.
Д. Тахири
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети