Московскиот суд во понеделникот ја одзеде дозволата за печатење на независниот весник Новаја Газета, на чиј главен уредник минатата година му беше ко-доделена Нобеловата награда за мир, пишува The Moscow Times.
„Судот Басмани во Москва го поништи сертификатот за регистрација на печатената верзија на Новаја Газета“, објави медиумот на социјалните мрежи.
Главниот уредник на Новаја Газета, Дмитриј Муратов, им рече на новинарите дека судската одлука е „политичка“.
„Весникот беше убиен денеска“, се вели во понеделникот „Новаја газета“ во официјална изјава по судската одлука.
„Денес [тие] повторно ги убиваа нашите колеги, кои веќе беа убиени од оваа држава за исполнување на нивната професионална должност“, се вели во редакцијата. „[Но] [весникот] беше, е и ќе биде“.
Руската агенција за надзор на медиумите Роскомнадзор претходно соопшти дека Новаја Газета не го обезбедила својот уреднички статут во потребната временска рамка.
Новаја газета го прекина објавувањето во март по репресијата на независните медиуми среде војната на Кремљ во Украина.
Дел од нејзиниот персонал ја напушти Русија и лансираше ново издание од Европа.
Одлуката за одземање на лиценцата доаѓа помалку од една недела по смртта на последниот водач на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, клучен поддржувач на Новаја Газета, кој донираше дел од парите од неговата Нобелова награда за мир во 1990 година за основање на весникот.
Шест од новинарите на Новаја Газета се убиени во атентати за кои весникот и групите за човекови права велат дека се поврзани со нивното известување.
Муратов, главен уредник на Новаја Газета и остар критичар на Кремљ, минатата година ја подели Нобеловата награда за мир со филипинската новинарка Марија Реса. Признанието им го посвети на шестмина свои новинари кои загинаа поради својата работа.
Нобеловиот медал на Дмитриј Муратов беше продаден на аукција за 103,5 милиони долари, а собраниот износ ќе биде дониран во програмата на УНИЦЕФ за помош на раселените деца од Украина, соопшти аукциската куќа Херитиџ Окшнс (Heritage Auctions).
Подготви: Д.Мишев