Во делови на Украина окупирана од руската војска, Русија почна да го окупира и сајбер просторот. Тоа ги одвои Украинците во Керсон, Мелитопол и Мариупол од остатокот од земјата, ограничувајќи го пристапот до вести за војната и комуникацијата со најблиските. На некои територии, интернетот и мобилните мрежи се целосно исклучени, пишува Њу Јорк Тајмс.
Ограничувањето на пристапот до интернет е дел од руската авторитарна игра која најверојатно ќе се повтори доколку земјата заземе повеќе украинска територија. Окупираните области сега се под контрола на огромен апарат за дигитална цензура и надзор, при што Русија може да го следи веб сообраќајот и дигиталните комуникации, да шири пропаганда и да управува со протокот на информации.
Руското пренасочување и цензура на украинскиот интернет има мал историски преседан. Во 2014 година, откако Русија го анектираше полуостровот Крим, државна телекомуникациска компанија изгради инфраструктура за да го пренасочи интернет сообраќајот од Крим кон Русија. Податоците од украинските мрежи сега се пренасочуваат преку тие кабли, велат истражувачите.
За да им помогне на луѓето во тие области да се поврзат на глобалниот интернет, владата на Украина обезбедува бесплатен пристап до одредени VPN услуги. Украинските власти, исто така, бараат донации за рутери и друга опрема за поставување на интернет услугата во засолништата за бомби, вклучително и оние во училиштата.
Подготви: Д.Мишев