Еден од најревносните профили на социјалните мрежи преку кој се шири руска пропаганда и се оправдува руската агресија врз Украина, според објавените податоци на самиот профил, ѝ припаѓа на поранешната претседателка на Асоцијација на архитекти на Македонија, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ.
Таа е хиперактивна на социјалните мрежи, коментира и споделува пропагандни содржини кои ја оправдуваат руската агресија врз Украина. Нејзините објави и коментари се едноставни, фокусирани и не се екстремни. Иако делува како не премногу писмена, сепак дека добро знае што прави.
Профилот „Сања Раѓеновиќ Јовановиќ“ е „претплатен“ на профилите на ЦИВИЛ. Често коментира на линковите што водат до содржините објавени на интернет порталот Цивил Медиа, поврзани со руската агресија против Украина. Така, на пример, под објавата со наслов „Руските агресори срамнија со земја трговски центар во Киев“, таа држи лекции по новинарство, проверка на факти и воено разузнавање (врз основа на руски пропагандни извори).
„Кога заземате страна (која и да е), таа се смета за лажна вест, потикнување омрза, и агресија, воена пропаганда, што ја влошува состојбата… П.С. Иначе трговскиот центар функционираше како складиште на оружје…“, напиша, меѓу другото, Раѓеновиќ.
Истиот профил „Сања Раѓеновиќ Јовановиќ“ во првиот месец од руската воена агресија врз Украина има што да каже, практично, на секоја објава на Цивил Медиа кој секојдневно објавува факти за настаните. Таа се обиде да го оправда и грабежот што го вршат руските војници во домовите на луѓето во окупираните делови на Украина.
Цивил Медиа ја објави изјавата на Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во која тој ги повикува да не се купуваат производите украдени од украинските домови, бидејќи на тој начин ќе станат соучесници во руските злосторства. Профилот „Сања Раѓеновиќ Јовановиќ“ се обиде да ги оправда кражбите и грабежите со зборовите:
„Па на Русите 300 милијарди им украдоа. А на овие уште не им е јасно дека САД ги пљачка и допрва ќе ги допљачкува. Од 40 одобрени милијарди само 15% се директно наменети за Украина, ама затоа ќе ги враќа сите 40. Уште не ви е јасно како САД и ЕУ ве наместија, после и ќе ве реновираат и вашите пари ќе ви ги земат.“
Ниту збор за конкретната тема – грабежите во украинските домови од каде што руските војници грабаа буквално сѐ што можат, од апарати за домаќинството до стара облека и обувки. Поточно, одговорноста за грабежот ја сместува во САД и ЕУ. Како САД и ЕУ да крадат фрижидери од домовите низ Украина.
Профилот „Сања Раѓеновиќ Јовановиќ“ отворено го поддржува Путин и руската воена агресија врз Украина. Во неколку објави на Фејсбук се нагласува буквата „Z“, со која се обележани руските тенкови и борбени возила кои уништуваат болници, училишта, градинки, станбени згради, трговски центри, културни установи и споменици, а војската спроведува невидени воени злосторства. Во нашата земја, одобрувањето и оправдувањето на воените злосторства е кривично дело, казниво со затвор до пет години.
Во еден коментар, профилот „Сања Раѓеновиќ Јовановиќ“ се обидува да го објасни својот став, со тоа што своето русофилство „негувано со генерации“, го доведува во врска со руската воената агресија, за која, пак, ги обвинува САД:
„Секогаш сум била русофил, така сум воспитана, генерациски. Но и независно од тоа ситуацијата е опасна и спремана (подготвувана) со години за интересите на САД… Дали е хард-кор да си против НАТО не знам и не ме занима (интересира), јас сум…“, потенцира Раѓеновиќ.
Кој стои зад профилот „Сања Раѓеновиќ Јовановиќ“? Според информациите достапни на самиот профил, Раѓеновиќ Јовановиќ е ко-сопственичка на Студио Р, фирма за архитектура, дизајн и градежништво. Сајтот е на руски, англиски, српски и македонски, наведени по тој редослед.
На сајтот е наведено дека досега работеле на проекти во Украина, Русија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Ирак.
Дел од проектите на кои работеле во Украина и Русија се следниве:
- реконструкција на деловен објект на ул. Городоцка, Лавов, Украина
- деловен објект на ул. Зелена, Лавов, Украина
- деловен објект Спарт Плаза, Москва, Русија
- aпарт-хотел, Москва, Русија
- деловен објект Тупољев, Москва, Русија
- хотелски комплекс Запољарие, Сочи, Русија
Зачудувачки е како некој што се претставува како архитект и дизајнер, градежник и креативец, се радува на разурнувања, можеби и на објектите каде што работел. Дали можеби, по завршувањето на војната, оваа фирма пак ќе се појави како контрактор во Украина? И да заработува од даночните обврзници земјата чии агресори и нивните воени злосторства ги оправдува и величи?
Мониторинг тим на ЦИВИЛ