Евакуацијата на цивилното население на Мариупол е одложена поради непријателско гранатирање, објави Градскиот совет на Мариупол на Телеграм, пренесува Укринформ
Поради тоа што руската страна не го почитува режимот на прекин на огнот и продолжи со гранатирањето на Мариупол и на неговите предградија, евакуацијата на населението е одложена од безбедносни причини.
„Ги замолуваме сите жители на Мариупол да се разотидат и да одат во засолништата. Наскоро ќе бидат дадени дополнителни информации за евакуацијата. Во тек се преговори со Руската Федерација за воспоставување режим на прекин на огнот и обезбедување безбеден хуманитарен коридор“, се вели во објаваѕта.
За евакуацијата полицијата со помош на разглас ќе ги информира жителите на градот.
Како што претходно објави Укринформ, вицепремиерката, министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии Ирина Верешчук изјави дека е постигнат договор меѓу Украина и Русија за воспоставување хуманитарен коридор од 09:00 часот на 5 март во две насоки – Волноваха и Мариупол. Патеките за евакуација се договорени со Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Шефот на Регионалната државна управа на Доњецк, Павло Кириленко, претходно изјави дека на 5 март во Мариупол од 09:00 до 16:00 часот е воспоставен режим за прекин на огнот, а почнала и евакуацијата на населението.
Д.М.