Руско – украинска криза: Шолц во Киев и Москва, украинските пратеници не смеат да ја напуштат земјата, американски војници нема да војуваат во Украина
Ова е можеби најинтензивната безбедносна криза во Европа од крајот на Студената војна, откако Вашингтон предупреди дека руската инвазија на Украина може да започне во секој момент. Руски напаѓачки хеликоптери вчера беа забележани како зујат на неколку километри од границите на земјата.
За време на телефонскиот разговор со претседателот Бајден, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара од американскиот претседател да го посети Киев за да „придонесе за деескалација“ и да испрати „моќен сигнал“. Посетата на Бајден најверојатно ќе отпадне. Сојузниците на Украина, вклучително и САД, го намалија персоналот во нивните амбасади или ги евакуираа во текот на викендот.
Македонските дипломати остануваат во Киев, нивните семејства се враќаат во Скопје
Македонската амбасада во Украина засега продолжува да работи и дипломатите остануваат во Киев, но нивните семејства неделава ќе се вратат во Скопје. Во Украина остануваат и околу 30 набљудувачи од Северна Македонија во рамки на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ. Во Украина во моментов престојуваат околу сто македонски државјани, а МНР разработи план со активности за различни сценарија кои би можело да се одвиваат во наредниот период во таа земја.
Украина останува посветена на приклучувањето кон НАТО
Амбасадорот на Украина во Велика Британија се повлече од очигледната сугестија дека земјата би можела да размисли да се откаже од амбициите да се приклучи кон НАТО за да избегне војна со Русија.
Вадим Пристаико рече дека уставната определба за пристапување во НАТО останува, откако претходно посочи дека земјата ќе размисли за „сериозни отстапки“ за да се избегне ризикот од инвазија на силите на Владимир Путин.
Тој нагласи дека иако Украина е отворена за преговори со Русија, прашањето за нејзините амбиции да се приклучи кон Алијансата не е на маса.
Г7: Русија се соочува со огромни економски последици доколку ја нападне Украина
Министрите за финансии од Групата седум најразвиени економии на Западот (Г7) денеска ја предупредија Русија дека ќе се соочи со огромни економски последици доколку одлучи да ја нападне Украина.
Во исто време, министрите ветија брза и одлучна поддршка за украинската економија.
„Континуираното акумулирање на руската армија на границата со Украина е причина за сериозна загриженост. Ние, министрите за финансии на Г7, ја нагласуваме нашата подготвеност да дејствуваме брзо и решително со цел да ја поддржиме украинската економија“, се вели во заедничката изјава.
АИ: Понатамошниот вооружен конфликт во Украина би имал катастрофални последици за човековите права на милиони луѓе
Додека заканата од Русија за употреба на воена сила се наѕира, од Амнести интернешнал предупредуваат дека уште една ескалација на вооружениот конфликт во Украина ќе има катастрофални последици за човековите права во регионот; загрозување на цивилните животи, средства за живот и инфраструктура; возење акутен недостиг на храна; и потенцијално предизвикува масовно поместување.
„Заканата од употреба на воена сила од страна на Русија веќе влијае на човековите права на милиони луѓе во Украина и пошироко“, рече Ањес Каламар, генерален секретар на Амнести интернешенел.
Украина бара од Северна Македонија да се приклучи кон економските санкции на ЕУ кон Русија
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Наталија Задорожњук на панел-дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“, која се одржа на 9 февруари, изјави дека Украина очекува јасна и недвосмислена политичка поддршка од пријателска Северна Македонија во однос на конфликтот меѓу Русија и Украина, но и нашата земја да се приклучи на економските санкции кон Русија што беа воведени од Европската Унија (ЕУ) во 2014 година, по нелегалната руска анексија на полуостровот Крим.
„Очекуваме приклучување кон санкциите на Европската Унија. Не може да се седи на две столчиња. Има моменти во животот кога треба сам да се одлучиш, пред сè, на која страна од барикадата си. Украинците имаат многу убедливо негативно искуство со неутралноста. Ако одиме во Европската Унија и НАТО, ако сме дел од европските вредности, тогаш тоа го демонстрираме не само со зборови, туку и со нашите постапки и дела“, рече украинската амбасадорка Задорожњук.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Украинскиот портпарол Николенко: Перспективата за членство во НАТО е запишана во Уставот на Украина
„Изјавата на Амбасадорот на Украина во Обединетото Кралство, Вадим Пристаико, во која се вели дека Украина е наводно подготвена да размисли за откажување од аспирациите за членство во НАТО со цел да се избегне војна со Русија, беше извадена од контекст и доведе многумина до заблуда.“, изјави ексклузивно за ЦИВИЛ Медиа портпаролот на украинското МНР Олег Николенко.
„Позицијата на Украина останува непроменета. Со цел да се заштитат мирот и животите на нашите граѓани, Украина е подготвена да се вклучи во какви било дипломатски формати со земји и меѓународни организации. Амбасадорот во исто време правилно посочи во своето интервју дека перспективата за членство во НАТО е запишана во Уставот на Украина. Не може да има одлуки кои би биле во спротивност со Уставот на Украина. Членството на Украина во НАТО несомнено би било најдобрата безбедносна гаранција за нашата земја, но Украина во моментов не е членка на НАТО или на која било друга безбедносна алијанса. Така, поширокото прашање на безбедносните гаранции е критично важно. Безбедносните закани се присутни овде и сега, што ја прави потрагата по такви гаранции фундаментална и итна задача на која во моментов е фокусирана украинската влада.“, посочува Николенко.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СКРИНИНГ Од денеска почнува скрининг-тестирањето по случаен избор кое треба да покаже дали и каков имунитет на КОВИД-19 има населението во земјава за да и помогне на Комисијата за заразни болести и на државата во планирањето на идните мерки. Тестирањето се планира да се прави на примерок од 1.000 испитаници во Скопје, но има можност да се прошири во целата земја за да се добијат пореални податоци за имунизацијата во овој момент
ДЕФЕКТ Голем дефект на далновод причина за пожарот поради кој Скопје, делови од Штип, Свети Николе и други населени места вчера попладне останаа без струја, вели генералниот директор на АД МЕПСО Орхан Муртезани за Утрински брифинг.
АМНЕСТИ ИНТЕРНЕШНЛ Фармацевтските компании „трагично потфрлија“ во одговорот на предизвикот од глобалната здравствена криза предизвикана од Ковид-19 и покрај итните повици да се обезбеди еднаква дистрибуција на вакцините против коронавирус, соопшти денеска Амнести интернешнел.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Диана Тахири, еден од неколкуте столбови на престижната невладина Цивил – активистка, волонтерка, хуманитарка, жена борец за еднаквост, правичност и солидарност.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Доколку Путин се надеваше дека заканата од руските тенкови и ракетни системи и сето останато што ја подразбира кризата што ѝ ја сервираше на Европа непосредно на нејзините континентални граници ќе придонесе за распад на европското и евро-американското единство и драматичното авансирање на логиката на „сфери на интерес“ во негова корист (во саботата, лондонски „Гардијан“ во повеќе детали ја анализира тајната „понуда“ на Путин до САД/НАТО за „редизајнирање“ на западната европска безбедносна архитектура), таа цел не му се остварува. Без разлика на жестоката анти-руска западна пропаганда – што, рака на срце, самиот ја предизвика со своето агресивно однесување – сега тој е на потег оваа безбедносна авантура понатаму да ја ескалира или деескалира. И во двете варијанти (а првата би била многу трагична), политичкиот подолгорочен бенефит за Русија е длабоко во „минус“.“, пишува Сашо Орданоски во колумната „За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“
Д. Тахири