• Latest
Добро утро со Орданоски

„За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“

February 14, 2022

Зеленски од Анкара: Русија ја донесе војната во Украина, ние само се браниме – Европа мора да изгради силна заштита од балистички ракети

July 9, 2026

Ако не се подобриме ќе ни биде полошо

July 9, 2026
НАТО самит во Анкара, 7-8 јули 2026 (фото извор: НАТО)

НАТО по Анкара: Клучни поенти од Самитот кој ќе остане запаметен како почеток на нова ера за Алијансата

July 9, 2026
АЛТА БАНКА И покрај сета помош од државата има многу малку шалтери во Србија, но отсега во секоја полициска станица ќе може да прима клиенти!

Државата „жнее“ богати клиенти за Алта банка, омилена на Вучиќ

July 8, 2026

Продолжува рускиот терор врз цивилите: Харкив, Кијив, Запорижја и Чернигивската област под напад, Украина бара итна ПВО поддршка

July 8, 2026
Фото: МИА архива

Брисел и Софија со јасни позиции: Нема политички гаранции, уставните измени остануваат услов за напредок кон ЕУ

July 8, 2026
Илустрација: Синергија меѓу новинарската работа и вештачката интелигенција – под човечка, професионална и уредничка контрола.

Новинарскиот кодекс го препознава ризикот, но не и реалноста на вештачката интелигенција

July 8, 2026
Фотографија: НАТО

Самитот во Анкара: НАТО договори нови одбранбени инвестиции, Европа презема поголема безбедносна одговорност

July 8, 2026

ЗНМ: Нов Кодекс на новинарите – етичка рамка која одговара на дигиталната ера

July 8, 2026

СВЕТСКИ СКАНДАЛ: Авторитаризмот на Трамп и корупцијата во ФИФА поразени од пркосот на тимот од една мала европска држава

July 7, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ

„За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“

Путин својата безбедносно-политичка операција кон Украина ја темелеше и врз претпоставената разединетост на Европа, НАТО и ЕУ што би била руска стратегиска предност во конфликтот со Украина. Но, станува сѐ појасно дека сега се мнозински ставовите и согласноста дека руската закана кон Украина е безбедносно загрозување за цела Европа

February 14, 2022 06:30
in ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ, СВЕТ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Добро утро со Орданоски

Добро утро со Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

САШО ОРДАНОСКИ

Проблемот со украинската криза е што веќе не се наѕира нејзин поинаков расплет, освен „логичниот“:  откако Русите натрупаа толку многу војска на украинско-руско-белоруските граници и поставија услови кои другата страна (Украина, САД, ЕУ, НАТО), практично, не можат да ги прифатат, сега заканата содржана во сопствениот ултиматум Путин мора да ја спроведе, нешто воено да направи на украинска територија, бидејќи инаку би излегло дека е политички поразен на дипломатската бела маса, долга пет метри, во Кремаљ. Ако не, сите и по дома и надвор ќе го прашаат: „За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“

Тоа, накратко, е причината за паничните повици од Запад дека руската „инвазија“ на Украина е неминовна и дека можеби ќе почне веќе оваа недела (Украинците не се согласуваат со тоа), откако разно-разни евро-американски политичари, водени од различни мотиви, со месеци си ја обидуваа дипломатската „среќа“ (и сила) во разубедувањето на Путин да не го прави ова што сега ќе треба да го спроведе – или да се врати дома и пропагандно долго да објаснува дека, сепак, победил, иако ќе расте бројот на оние кои ќе му викаат дека „Царот е гол“.

Но, што и да стане во Украина, во Европа веќе нешто се случи: целата европска јавност нагло разбра дека, по 75 години мир и благосостојба, нова голема војна на Стариот континент е реално можна. Пост-југословенските воени конфликти од деведесеттите Европа никогаш не ги почувствува како лична загроза во безбедносна смисла, и покрај трагичноста на повеќегодишните крвави и разорни драми во Хрватска и Босна и Херцеговина, а потоа и бомбардирањето на Србија и пресметката на Косово. Безбедносните европски компликации веројатно ќе беа поинакви тие настани да се проширеа во Македонија каде воено ќе се вмешаа сите соседски и регионални сили, но до тоа не дојде. Така, безбедносниот „санитарен кордон“ околу бивша Југославија (а и, во тоа време, заради драматично воено, економски и морално ослабената Русија) успеа да ги сопре континенталните импликации од тој балкански хаотичен конфликт.

Но, сега веќе не е така. За тоа говорат и податоците од големото истражување на јавното мислење за кризата на европската безбедност и за ставовите на Европејците во врска со војната во Украина што минатата недела ги објави Европскиот совет за надворешни работи (EFCR), влијателна невладина организација со свои канцеларии во седум европски главни градови. Резултатите на истражувањето, спроведено во јануари годинава во седум европски држави (Финска, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија и Шведска), јасно покажуваат дека можноста од војна во Европа повеќе не е незамислива и дека, за разлика од украинските компликации со руската окупација на Крим во 2014 година, сега мнозинството Европејци (во Полска дури 73%, во Романија 64%) на тековниот конфликт во Украина гледаат како на европска криза. Занимливо, овие гледишта особено се превладувачки кај помладото европско анкетирано население.

Податоците од ова истражување што особено би требало да го загрижат Путин – а и сите нас! – кој својата безбедносно-политичка операција кон Украина ја темелеше и врз претпоставката дека моментната разединетост на Европа, НАТО и ЕУ би била негова стратегиска предност во конфликтот со Украина, се мнозинските ставови и согласноста дека руската закана кон Украина е безбедносно загрозување за цела Европа. Тие прашања се протегаат во неколку важни сфери од животот, кои не се само безбедносни, туку ги вклучуваат економските, енергетските, миграциските и сајбер-загрозите. Како резултат на тоа, кумулативно (иако нијансирањата по земји се различни), речиси две третини од испитаниците во овие седум земји велат дека, дојде ли до отворена војна меѓу Русија и Украина, НАТО и ЕУ, како западни сојузнички алијанси, би требало да застанат во одбрана на Украина.

Ова претставува вистинско оживување на европските сентименти од времето на Студената војна (и тоа со неколку важни земји од поранешниот Советски блок на спротивната страна), што никако не би требало да е поволна вест за самата Русија. Дополнително што, дури и ако целата украинска криза некако заврши без поголеми воени конфронтации, ова европско анти-руско расположение ќе остане со години да се „лекува“, со неповолни последици врз сите понатамошни евро-руски односи. Јасно е дека расположението на европската јавност (дури и без порадикалните ставови на САД и Велика Британија во тој западен микс) ќе оди во насока да се врши притисок врз сопствените политички елити за барање решенија во сферите на безбедноста, енергијата, економијата, транспортот и трговијата кои ќе ја третираат Русија како актуелен и иден потенцијален непријател. Уште повеќе, истражувањето на ECFR покажува дека мнозинството граѓани во испитуваните седум европски држави (иако овие резултати се порезервирани во Франција и Германија) се подготвени да се соочат и со економско-човечките последици од ризикот на руско-украинската војна и потребата Западот да застане на страна на Украина во тој конфликт. Тоа е лоша прогноза за сите во Европа, но Кремљ несомнено би морал да биде најзагрижен за ваквиот стратегиски развој на настаните.

Со други зборови, доколку Путин се надеваше дека заканата од руските тенкови и ракетни системи и сето останато што ја подразбира кризата што ѝ ја сервираше на Европа непосредно на нејзините континентални граници ќе придонесе за распад на европското и евро-американското единство и драматичното авансирање на логиката на „сфери на интерес“ во негова корист (во саботата, лондонски „Гардијан“ во повеќе детали ја анализира тајната „понуда“ на Путин до САД/НАТО за „редизајнирање“ на западната европска безбедносна архитектура), таа цел не му се остварува. Без разлика на жестоката анти-руска западна пропаганда – што, рака на срце, самиот ја предизвика со своето агресивно однесување – сега тој е на потег оваа безбедносна авантура понатаму да ја ескалира или деескалира. И во двете варијанти (а првата би била многу трагична), политичкиот подолгорочен бенефит за Русија е длабоко во „минус“.

Порано или подоцна, и во автократската Русија нема да може да се спречи јавното расположение содржано во логичното прашање: „За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“…

Па, големиот руски народ секако мора да заслужува подобро!

 


Сите права се заштитени. Текстот е личен став на Авторот.

Tags: војнаЕУНАТОПутинРусијаСАДУкраина
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ