Скопје, 1 декември 2024
ЦИВИЛ ја лансира веб страницата DefendingDemocracy во состав на интернет весникот ЦивилМедиа. Веб страницата се креира по повод големата меѓународна конференција „Одбрана на демократијата и човековите права во услови на војна, национализам и авторитаризам“ што ќе се одржи во Скопје, 11 и 12 декември.
Новата интернет платформа на ЦИВИЛ е на англиски јазик, со линкови до сите содржини на македонски и албански. На располагање е новата рубрика ДЕМОКРАТИЈА (линк) на македонски, односно DEMOKRACI (линк) на албански, специјално посветени на Конференцијата, како и на сите резултати што ќе произлезат од овој значаен меѓународен настан.
Веб страницата DefendingDemocracy има модерен и динамичен изглед, и овозможува брз и едноставен пристап до сите информации за големиот настан – основни информации, агенда, учесници, организатори, поддршка, и линкови до видео каналот за пренос во живо на денот на настанот, како и линкови до социјалните мрежи и ресурсите на македонски и албански јазик.
Конференцијата не е изолиран настан, туку е иницијатива на ЦИВИЛ и германските партнерски организации МЕДИА ДИЈАЛОГ и Youth4Media, поддржана од Владата на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија. Како што ЦИВИЛ веќе ја информира јавноста, конференцијата во Скопје се најде на светската мапа на настани по повод датумите за одбележување на човековите права и слободи, и е дел од официјалната програма на Неделата на човекови права, иницијатива на Северна Рајна-Вестфалија.
ЦИВИЛ