САД и Кина соопштија дека постигнале договор со кој се става крај на трговската војна меѓу двете земји, но спогодбата не ги решава сите отворени прашања во билатералната трговија. Договорот, потпишан пред два дена, се темели на рамковните спогодби постигнати во Женева во мај, соопштија официјални лица од двете страни, пренесува МИА.
Американскиот министер за трговија Хауард Лутник во интервју за Блумберг изјави дека договорот вклучува обврска од Кина за испорака на ретки земни метали, клучни за технологии како ветерници и борбени авиони. – Кина ќе ни испорачува ретки метали, а ние ќе ги укинеме контрамерките, рече Лутник.
Кинеското Министерство за трговија потврди дека ќе ги разгледа барањата за извоз на контролирани стоки согласно законот, додека САД ќе ги укинат ограничувачките мерки, без да се прецизира за кои точно станува збор.
Според Блумберг, американските мерки вклучуваат ограничувања на извозот на материјали како етан, користен во производството на пластика, микрочипови и мотори за авиони. Сепак, спогодбата не опфаќа сложени прашања како нелегалниот увоз на фентанил или целосниот пристап на американските извозници до кинескиот пазар.
Преговорите во Лондон во јуни резултираа со взаемно прифатлив договор за клучните прашања, кој чека одобрение од американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг. Според извори на Фајненшл Тајмс, дел од договореното не е вклучено во официјалниот документ, иако двете страни изготвиле писмен текст за дискутираните точки.
Лутник додаде дека Белата куќа планира наскоро да склучи трговски договори со десет клучни партнери на САЩ. – Претседателот сака лично да ги склучува овие договори. Ќе имаме договор по договор, изјави тој.
Стивен Миран, претседател на Советот на економски советници на САД, истакна дека администрацијата на Трамп ќе ја продолжи паузата на царините за земјите што преговараат „добронамерно“ со Вашингтон, според Јаху Фајненс.