САД вчера предложија нацрт-резолуција на Обединетите нации за одбележување на третата годишнина од руската инвазија на Украина, а предлогот на Вашингтон е во спротивна насока на напорите на Украина и европските сојузници да имаат свој текст усвоен во понеделник од Генералното собрание, јавува Ројтерс, пренесе ЦИВИЛ Медиа.
Американскиот претседател Доналд Трамп започна обид да посредува за ставање крај на војната во Украина, што предизвика несогласување со украинскиот претседател Володимир Зеленски и ја зголеми загриженоста кај европските сојузници дека Украина и Европа би можеле да бидат исклучени од мировните преговори.
Според Ројтерс, во кратката американска нацрт-резолуција од три параграфи, се изразува жалење за загубените животи за време на „руско-украинскиот конфликт“ и инсистира „дека основната цел на Обединетите нации е одржување на меѓународниот мир и безбедност и мирно решавање на споровите“.
Во текстот исто така се бара брз крај на конфликтот и дополнително бара траен мир меѓу Украина и Русија.
Русија предложи амандман на таа линија, што гласи „бара брз крај на конфликтот, вклучително и со решавање на неговите основни причини, и дополнително повикува на траен мир меѓу Украина и Русија“, велат извори на Ројтерс.
Амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензија, го оцени предлогот на САД како „добар потег“. Руски дипломат, кој сакаше да остане анонимен, рече дека доколку рускиот амандман биде усвоен од Генералното собрание, тогаш Москва ќе гласа за резолуцијата на САД.
Небензија рече дека бил информиран од САД пред нацртот да биде достапен до Генералното собрание од 193 члена.
Генералното собрание треба да се состане во понеделник за да гласа за текстот подготвен од Украина и Европската унија, кој повикува на деескалација, ран прекин на непријателствата и мирно решение во согласност со основачката Повелба на ОН и меѓународното право.
Украина и ЕУ преговараа со земјите-членки на ОН во изминатиот месец. Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина, одразувајќи го глобалниот поглед на војната. Ниту една земја нема право на вето во собранието.
Во текстот на Резолуцијата на Украина и на ЕУ се потврдува потребата за спроведување на претходните резолуции на ОН со кои се бараше Русија да ги повлече своите трупи од меѓународно признатата територија на Украина и инсистираше Москва да ги прекине непријателствата.
Генералното собрание усвои шест резолуции за конфликтот во првата година, осудувајќи ја Москва и барајќи од Русија да ги повлече сите свои војници. Резолуцијата во октомври 2022 година, која го осудува рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири региони во Украина, доби најголема поддршка со 143 држави кои гласаа „за“.
Д. Т.












