Европските сојузници не треба да се грижат за посветеноста на Соединетите Американски Држави на НАТО, изјави Марк Руте, шефот на воената алијанса, говорејќи пред самитот во Хаг на кој веројатно ќе биде потпишана голема нова цел за трошење, пренесува Ројтерс.
Дводневниот собир има за цел да му сигнализира на рускиот претседател Владимир Путин дека НАТО е обединет, и покрај претходните критики на американскиот претседател Доналд Трамп кон алијансата, и е решен да ја прошири и надгради својата одбрана за да одврати секаков напад од Москва.
„Постои целосна посветеност од страна на американскиот претседател и високото раководство на САД кон НАТО“, изјави Руте на јавен форум пред формалното отворање на самитот, додавајќи, сепак, дека таквата поддршка доаѓа со очекување европските земји и Канада да трошат повеќе за одбрана.
Самитот и неговата последна изјава ќе бидат кратки и фокусирани на почитување на повикот на Трамп да се трошат 5% од БДП за одбрана – голем скок од сегашната цел од 2%. Тоа треба да се постигне и со повеќе трошење на воени предмети и со вклучување на пошироки трошоци поврзани со безбедноста во новата цел.
Изгледајќи опуштен пред очекуваното доаѓање на Трамп подоцна во вторник, Руте го опиша прашањето за трошењето како „огромна пречка, огромна иритација е тоа што не трошиме доволно како Европејци и Канаѓани, а тие сакаат да се изедначиме со она што го трошат САД“.
Д. Мишев