Има многу за што да се зборува, и мислам дека е добро да имаме секој ден вакви активности, настани, и за секоја област посебно да се зборува. Бидејќи, реално, има проблеми и во областа на инфраструктурата, и со домувањето, и со образованието, пред се. Ако зборуваме за се, навистина нема да дојдеме до еден заклучок, вели Мануела Саидова од Центар за развоја на заедницата, Кочани, на јавниот настан „Граѓански дијалози за меѓуетничките односи: Предизвици и решенија“.
Саидова ја поздрави иницијативата за туторска поддршка на учениците Роми, за која вели дека треба да продолжи и во иднина.
„Сакам да зборувам за туторската поддршка што ја имаат учениците Роми, а ја водиме ние како организација, и секогаш од училиштата ни кажуваат дека има потреба истата да продолжи, бидејќи голем дел од децата првачиња што се Роми, не го знаат македонскиот јазик, и со тоа не можат да слушаат и да научат нешто од наставничките, при процесот на објаснување, и со тоа назадуваат.
Овој процес е навистина за поздравување, и треба да се работи подолг период со тие деца, за да можат да го совладаат јазикот, и да бидат заедно повеќе со другите деца. Многу е важна инклузијата.“, вели Саидова.
Таа посочи за проблемот со дивоградбите, за што голем дел од учесниците на настанот имаа свое гледање.
„Исто така, претходно спомнавме дивоградби кај ромската заедница, тука сепак проблемот е институционален, од причина што, како што кажавме, секој сака да си плати данок, и струја и вода, во зависност од социјалната состојба во која се наоѓа. Има тука еден друг проблем, а тоа е дека таму каде што живеат припадниците на ромската заедница, нема детален урбанистички план. И доколку некој сака легално да си изгради куќа, не е во можност тоа да го направи, и мора да биде на илегален начин.
Ние како невладина организација, кога сакаме преку донаторски проект да асфалтираме улица, тоа не ни е овозможено бидејќи нема детален урбанистички план. Затоа приоритетите ни се закочени, бидејќи има проблеми кои не се решени по институционален пат, и тоа ја води заедницата назад.“, порача Саидова.
Дијана Тахири
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Дехран Муратов