Categories

ПРИМИТИВЕН ЦИРКУС Само гушни ме силно…

Живееме во време во кое,
не е срамота да си крадец,
срамота е да кажеш дека си чесен
и заради таа твоја чесност да си и сиромашен.

Не верував дека ќе пишувам на оваа тема. За правата на работниците. Иако е тема за која и тоа како треба гласно да се пишува. Знам дека ова четиво нема баш нешто многу да ги допре оние до кого е адресирано, но сепак ќе ја раскажам мојата случка од пред три дена. Секогаш многу ме допирала темава, но, никогаш претходно не бев сведок одблизу на нешто слично. Ете и тоа се случи. Секогаш знаев дека се секаде околу нас ваквите луѓе и не знам дали свесно ја наведнував главата кога ќе поминев покрај нив, овој пат тоа не можев да го направам. Се најдов точно до неа.

пишува: Војо Цветановски

Седиме на клупа Таа и јас. Клупата се наоѓа во едно мало паркче, населба близу до центарот на градот. Не се познаваме. Можам да забележам дека е тажна, но не обрнувам внимание. Од малото чантиче кое и е ставено на колената вади кутија цигари. Ме понудува. Се загледуваме меѓусебно. Погледите ни се задржуваат малку подолго од вообичаеното. Мене ми е чудно што ме нуди со цигара бидејќи не се познаваме. Во погледот и’ читам дека чека одговор.

„Благодарам, непушач сум“, и’ велам.

Таа пали за себе. Димот го вовлекува длабоко. Од димот на цигарата се издишува. Се чувствува нејзината тага во целиот воздух околу нас. Станувам да си одам бидејќи чувствувам дека не е баш најсреќна што сум во нејзина близина. И пред да тргнам женава почнува да зборува:

„Тешко е. Многу е тешко. Работев тука во фирмава. Оваа преку улицава што е. Денес ми дадоа отказ. Заради тоа што го направив вчера, a направив нешто што го подготвував речиси една година. Масовно си одат луѓево што работат во фирмава. Секој ден се повеќе и повеќе. Бев тука без малку три години. Сопственициве на фирмава не сфатија дека треба да им ја покачат платата на вработените за да ги задржат на работа. А работа има преку глава. Секој ден фирмава заработува многу пари, многу, многу пари, а платите ни се мизерни, помизерни од најмизерното нешто што можеш да го замислиш. Дури и срам ми е да кажам. Живееме во време во кое не е срамота да си крадец, срамота е да кажеш дека си чесен и заради таа твоја чесност и сиромашен. За леб да немаме на крајот на месецот. И кога дојде денот да се организираме да направиме синдикат внатре во фирмата поголемиот дел ми дојдоа со изговорот ‘Ти нормална ли си ма?’. Никогаш не сфатив како не сакаат сами на себе да си помогнат. И трпев, трпев долго време, трпев повеќе од две години и одлучив сама да појдам кај нив и да побарам, ако не за другите, барем за мене покачување на платата“.

Женава зборува без застанување, како да се знаеме цел живот. Јас стојам и не мрдам од позицијата која ме фати уште кога одлучив да тргнам. Сега веќе гледам дека и тоа како и е важно моето присуство. Јас сум некој непознат за неа, еден од оние на кои таа ќе им ја раскаже целата своја животна проблематика, ќе си замине и веќе на првата кривина ќе ја заборави нејзината болка.

„Седни“, ми вели. Седнувам.

„Завчера земав плата. И, со платата веднаш појдов во канцеларијата на сопствениците на фирмава. Седнав на масата на директорот. Тој не беше тука. Имал состаноци. Го чекав точно три часа. Точно после три часа влезе. Не ни знаеше дека сум тука. Ја извадив целата плата од пликот и ја ставив на маса пред него. Тој гледа во парите. Ја поткренува главата во прашална форма, демек што е ова. Јас почнав да зборам: ’Еве вие како сопственик на фирмава, што понатаму индицира дека сте и најпаметниот во неа, ве замолувам овие 12 000 денари да ми ги распределите на 30 денови и да ми кажете како да ги трошам. При тоа да ми бидат двете дечиња задоволни во текот на целиот месец, јас да бидам задоволна, да ги платам сметките за струја, вода, кабелска и интернет, рата за кредит и на крајот од сето тоа да можам на децата да им купам облека во која ќе се чувствуваат комотно, удобно и убаво. Во случај да не можете да ми кажете како да го направам сево ова најчовечки ве замолувам да ми ја покачите платата барем на 20 000 денари за да можам да живеам, бидејќи ова што сега ми се случува е преживување’ , му реков“.

 Нема проблем, ќе дадеме се’ од себе“, ми одговори сопственикот на фирмата.

„И така. Сабајлево дојдов на работа и во плик ми го врачија отказот со образложение дека не сум била лојална. Еве седам тука на клупава и не можам да се изначудам како можеше да ми се врачи отказ, само затоа што појдов да се пожалам за тоа дека навистина не можеме да излеземе на крајот на месецот со 12 000 денари јас и моето семејство. Извини, сега морам да одам. Ме чекаат децата дома, ништо друго не ни преостанува освен да се гушкаме силно. Пријатно!“, се поздрави.

Стана и брзо замина. Ниту името не ми го кажа. Можеби и подобро.

Дојдов дома и во тефтерчето со сини корици напишав порака која ќе ја ставам и во ова четиво, а која се однесува до сите оние кои се бореа за слободата, а сега се на позиции и можат да им помогнат на ваквите случаи кои ги има во изобилие во оваа земја!

Никогаш не сум тежнеел да направам нешто што ќе покрене маса на народ во некаквa насока, некаква си голема револуција, никогаш тоа не сум го сакал, бидејќи длабоко сум убеден дека таквите, големи движења, од како ќе ја добијат битката, речиси секогаш завршуваат обратно од она за кое разулавено се бореа. Затоа и го ставам она „РЕЧИСИ“ и Ве замолувам – НЕМОЈТЕ ДА БИДЕТЕ ВАКВИ! Подобро е да бидеме тивки и да го работиме она кое го чувствуваме силно, да сме максимално прецизни и со кристално јасни пораки. Вревата нека биде тивка и нека остане таква, но нека има смисла сето тоа. Таква ќе се запамети. Засекогаш.

А оние кои се околу нас и секој ден ги гледаме по улиците на нашата држава и гледаме како со неверојатна брзина пропаѓаат во дупката на сопствените измачувања, нив навистина треба да се најде начин како да им се помогне!

Излегов од дома. Шетав низ градов, без компас. И наидов на графитот САМО ГУШНИ МЕ СИЛНО. Воздивнав и помислив; Колку многу има вистина во овој графит, особено за времево во кое живееме денес.

Print Friendly, PDF & Email