Британскиот таблоид „Сан“ доцна синоќа ексклузивно објави дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е кандидатка за иден генерален секретар на НАТО.
Британските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, пишуваат дека дел од членките на НАТО предложиле Германија да го преземе раководството на Алијансата од октомври годинава, по завршувањето на мандатот на актуелниот генерален секретар, Норвежанецот Јенс Столтенберг, чиј мандат беше продолжен поради војната во Украина.
Се очекува Столтенберг да ја напушти оваа функцијата по девет години, додека мандатот на претседателката на Европската комисија истекува следната година.
Таблоидот пишува дека Фон дер Лајен ја очекува тешка борба бидејќи Велика Британија ќе се спротивстави на нејзината кандидатура, затоа што смета дека таа лошо управувала со вооружените сили додека беше министерка за одбрана на Германија.
Нема да има формални избори, туку 30-члената Алијанса сама ќе избира нов лидер со консензус.
Белата куќа ќе го има главниот збор за тоа кој ќе ја добие функцијата генерален секретар на НАТО, пишува „Сан“.
Меѓу кандидатите за нов генерален секретар на НАТО се споменуваат и актуелниот британски министер за одбрана Бен Валас, кој би бил првиот Британец на таа позиција во изминатите 20 години, како и естонската премиерка Каја Калас и канадската министерка за финансии Кристија Фриланд, која по потекло е половина Украинка.
Г. Т.