Во своето излагање на промоцијата на финалниот извештај од изборното набљудување „Избори 2016,,,“ како клучни недостатоци кои ги нотира извештајот на ЦИВИЛ – Центар за слобода во однос на начинот на кој медиумите известуваа за време на изборите, медиумскиот експерт Петрит Сарачини ги посочи отсуството на дебата, селективното и површно информирање, генерирањето на теми за дискусија во јавноста преку оркестрирани медиумски агенди и потпалувачкиот говор, особено во последните 10 дена на предизборната кампања, при што особено се осврна за случајот со говорот на омраза во прилозите на ТВ Сител за „цената на двојазичноста“, што беше констатиран со посебен надзор и од самата Агенција за медиуми.
„Во речиси ненормални услови создавани со години, медиумскиот амбиент беше поле на битка меѓу заложбите на демократскиот и прогресивниот дел од општеството и јавноста за минимум услови за одржување на кредибилни избори, и постојаното опструирање и нарушувања од страна и медиумите блиски до неа. Рамката за таа битка да се одвива во релативно порамноправни позиции од порано беше овозможена со делумното спроведување на законските измени кои уследија како последица од Пржинскиот договор. Но, борбата за минимумот, го замени вистинскиот изборен натпревар, во кој медиумите служат како платформа за соочување и анализирање на политичката понуда и креирање амбиент за информиран избор на граѓаните”, истакна Сарачини.
„Во препораките на извештајот за подобрување на известувањето на медиумите, ЦИВИЛ бара да се овозможи независност на регулаторните тела и јавниот сервис, да се зајакне спроведувањето на законодавството, особено во адресирањето на говорот на омраза, создавање на поповолен пазарен амбиент со еднакви услови и без државен интервенционизам кој создава клиентелизам, како и суштинско прифаќање и спроведување на саморегулацијата“, посочи Сарачини.