Сатирична содржина од порталот „Плусинфо“ беше злоупотребена од корисници на социјалните мрежи, особено на Твитер, за манипулирање и ширење на лажна вест.
Содржината со наслов „Маричиќ: Нема затвор за невакцинирани криминалци!“, којашто порталот „Плусинфо“ ја преземал од сатиричниот сајт „Кооперација“, осамна како скриншот на повеќе анонимни профили на социјалната мрежа Твитер.
Иако во оригиналната објава, веднаш под насловот, оваа содржина е означена како сатира, тој дел е избришан или скриен во скриншотовите што беа објавени на Твитер од повеќе корисници. Еден од нив, веројатно меѓу првите што ја објавил манипулацијата, е Твитер корисникот со псевдоним „Мите Најдоф“ (@kalabalak), чијшто манипулативен твит е споделен од 18 други корисници, а добил допаѓања од 70-тина од нив.
Голем дел од споделувачите се препознаени како дел од пропагандните машинерии на социјалните мрежи и структури блиски до опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои често шират разни дезинформации. Меѓу нив може да се види и твитер профилот на порталот „Вечер“, зад кој стои Драган Павловиќ – Латас, профилите „Каурката“, „ЈуримТе СоКолов“, „Фелдмаршал Игорче Развигорче“ и други Твитер корисници, од претходно познати за ширење на партиска оркестрирана пропаганда.
ЦИВИЛ уште еднаш упатува предупредување до сите граѓанки и граѓани да не потпаѓаат под вакви обиди за манипулации, кои се од најразличен формат, и вклучуваат дури и злоупотреба на сатирата за пласирање лажни вести. Овие објави се особено опасни во време кога цел свет и нашата земја се обидува да се справи со КОВИД-19 пандемијата, и ги подриваат напорите за справување со смртоносната болест и вкацинирање на граѓаните за нивна заштита.
Граѓанките и граѓаните треба да бидат внимателни кога се информираат на интернет и добро да ги проверуваат изворите на информации.