Со пароли „Доста бевме робови на газдите“, „Исправете се работници“, „Работници кренете глас“, се одржа протестот на политичката партија Левица, пред Веро 5 во Скопје, по повод отпуштањето на работничка од Веро, додека била на боледување.
Од Левица велат дека законот забранува отпуштање работници за време на одобрено отсуство заради болест или повреди, бременост, раѓање и родителство, нега на член на семејството и неплатено родителско отсуство. Законот налага отказот да биде врачен во писмена форма за да може работникот да поднесе приговор и потоа да поведе судски спор против одлуката на работодавачот. Но, и покрај тоа газдите си дозволуваат да не ги почитуваат правата на своите вработени.
„Веро маркети се поставува над законите на Република Македонија со овој акт. Во Македонија, работничките права не смеат да се игнорираат и ниту еден газда вклучително и Веро маркети, не смее да си дозволи да се постави над законите. Бараме од Веро маркети, под итно да ја вратат работничката на работа и да не ги прекршуваат работничките права во иднина. Бараме од трудовиот инспекторат да постапува согласно закон и да види кое прекршување на законот е извршено од страна на Веро маркетите“, изјави Здравко Савески, на протестот на Левица.
На протестот беше присутна и Кети Лешко, работничката која беше отпуштена од Веро маркети, и изјави дека 4 дена пред да дојде на работното место добивала пораки на мобилниот телефон кои ја вознемириле, а воедно добивала и закани преку колегите.
Кети била на боледување 7 дена и нејзиното боледување било законски до 4 јануари, а таа била одјавена уште на 3 јануари.
Ангела Петровска