Ирена Стеријовска, Александар Кондев и Џабир Дерала ги поздравија Шарените со пораки што упатуваа да не се заборави уделот на Шарената револуција во демократските промени и граѓанискиот отпор во борбата за слобода.
„Ние како прави револуционери не палиме свеќи за роденден, туку палиме факели“, рече Ирена Стеријовска пред присутните по палењето на факелите, светлината на крајот на тунелот, како препознатлив симбол на Шарената револуција.
„12 април, ние, ЦИВИЛ-Центар за слобода, сакаме да го предложиме како ден на граѓанскиот непокор. Се надеваме дека Владата и парламентарците наскоро ќе го изгласаат и ќе го внесат во регистерот на историјата на Република Македонија… Борбата продолжува. Нема правда, нема мир!“, повика Џабир Дерала чиј говор беше пропратен со овации и скандирање на познатата парола на протестантите.
„Не ме познававте. Не бев ни шарен, ниту црвен, ниту син. Бев сам, со фотоапарат. Многу луѓе мислеа дека сум на некоја друга страна. Еве сега гледаме на која страна сум. Горд сум што имаме прекрасна младина. Кога сите гледаа во земја нашата младина крена глава. Оваа изложба е посветена на младите“, возбудено изјави Александар Кондев, фотограф и автор на изложбата и перформансот.
Вечерва изложбата сите заинтересирани можат да ја погледнат во Музеј на град Скопје со почеток во 20 часот.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов