„СДСМ во континуитет ги поддржува барањата на граѓанските организации.Неопходна е транспарентност во преговарачкиот процес. Од тие причини, постојано укажуваме дека е потребно активно вклучување на граѓанскиот сектор во преговарачкиот процес“, се вели во соопштението на СДСМ, што партијата го објави како одговор на денешната герила акција на Шарената револуција.
Граѓанската вклученост во преговорите, е едно од барањата на кое инсистира Шарената револуција, откако, како што велат револуционерите, се покажа дека четирите политички партии-потписнички на Договорот од Пржино, не се доволни за да се реши политичката криза во земјата.
Како дел од активностите кои се преземаат во тој правец, беше и денешната герила-акција, пред резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје, додека се одвиваа преговорите помеѓу претставниците на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, во која поддржувачите на Шарената револуција напишаа порака: „Граѓаните ќе ја решат кризата!“.
Претходно 88 граѓански организации, иницијативи, групи, движења и синдикати ја адресираа до меѓународната заедница и до четирите најголемите партии неопходноста од вклучувањето на граѓанскиот сектор во преговорите за надминување на кризата..