Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски намерно поднесе иницијатива за референдум која е неуставна, самиот знаејќи дека неговиот референдум е осуден на неуспех поради слабата поддршка од граѓаните, се наведува во реакцијата на владејачката СДСМ на прес-конференција на Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Референдумот за поништување на Законот за ратификација на Договорот со Бугарија е согласно членот 24 од Законот за референдум и не е во спротивност со Уставот. Членот 24 од овој закон овозможува да се прави референдум и за меѓународни договори. ВМРО-ДПМНЕ има референдумско прашање со кое не ја менува содржината на Договорот, туку го спори Законот за ратификација со што тој се прогласува за важечки, истакна вечерва на прес-конференција Стојановска.
СДСМ во својата реакција потенцира дека „колку ВМРО-ДПМНЕ не го познава или се прави дека не го познава Уставот говори и фактот што вечерва пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ цитираше член од Закон кој се однесува на консултативен, а не на задолжителен референдум каков што бараше Мицкоски“.
Иницијативата беше уште една измама на Мицкоски за спас на сопствената фотелја во Белиот дворец и бизнис интересите на една екипа во неговото опкружување. Во време на најголема економска и енергетска криза, во пресрет на тешка и неизвесна зима, Мицкоски беше спремен да потроши осум милиони евра од државниот буџет за спроведување однапред пропаднат референдум кој требаше да биде неговата сламка за спас. Тоа е неодговорно и недозволиво. Тој негов обид за измама, за трошење милиони евра народни пари за лични хирови пропадна, се додава во реакцијата.
Според СДСМ, „Мицкоски е осамен и изолиран во антиевропската, деструктивна агенда што носи штета за граѓаните и државата“.