ВЕСТ НА ДЕНОТ: Апелација ја потврди пресудата за „Рекет“, 9 години за Боки 13, 7 години за Јанева
Апелациониот суд во Скопје ја потврди во целост пресудата за случајот „Рекет“ со што Бојан Јовановски – Боки 13 правосилно е осуден на 9 години затвор, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 години затвор.
Од Апелација соопштија дека ги разгледале жалбите на двајцата обвинети, како и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое бараше повисоки казни, по што одлучиле да ги отфрлат и да ја потврдат пресудата која беше донесена од Основниот кривичен суд во Скопје.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Николовски: Финансиските истраги и конфискацијата на имот се клучни за борбата против високата корупција и организираниот криминал
„Активностите кои се предвидени во новата национална Стратегија, ќе придонесат за надминување на проблемите во правната и институционалната рамка во однос на спроведување на финансиските истраги. Стратегијата предвидува потикнување на проактивноста на институциите вклучени во финансиските истраги, со што се овозможува водење на финансиска истрага паралелно со криминалистичката истрага. На овој начин се елиминираат ризиците од прикривање, распродажба или изнесување на противправно стекнатиот имот надвор од државата“, изјави вицепремиерот Николовски на денешната промоција на „Националната Стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Поддршка ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, доколку се користи уставното име на државата. Резолуција во која нема уставно име, нема правна форма. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање за ставот на ДУИ за резолуцијата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Образование Социјалните стипендии за студентите се зголемуваат за 100 проценти односно од 3.000 на 6.050. Ученичките стипендии, пак, кои се движеа од 2.000 до 2.900, сега се усогласени на 2.500 денари. За студентите од природните науки – хемија, физика и математика, стипендиите ќе бидат18.000 денари поради тоа што се дефицитарни, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.
Антикорупција Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 50-та седница оформи постапка за испитување на имотната состојба на поранешен министер, поради утврдување на несразмерно зголемен имот.
ЦИВИЛ
Со зборовите „ајде сега“ родителот Гоце Панговски го натера и злоупотреби за политички цели својот малолетен син да викне „никогаш Северна само Македонија“, додека покрај нив поминуваа претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Георгиевска, на манифестацијата „Галичка свадба“ што се одржа изминатиот викенд.
ЦИВИЛ излезе со соопштение по повод злоупотребата на децата и малолетниците за политички и верски потреби од страна на политички и верски организации.
СТОП за политичката злоупотреба на децата за политички цели! Тоа не е патриотизам!
ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро ја осудува злоупотребата на децата и малолетниците во политички цели. Децата никако не смеат да бидат предмет на политичка инструментализација, за преку нив да се упатуваат политички пораки, затскривајќи се зад превезот на „патриотизмот“! Злоупотребата на сопствените деца и на сите деца воопшто за упатување политички пораки е законски забрането и не е патриотизам!
Долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ постојано констатира случаи на злоупотреба на деца и малолетници, особено пред и за време на кампањите за изборните процеси во Република Северна Македонија. Затоа, во пресрет на локалните избори, или други јавни настани, ЦИВИЛ повикува:
СТОП за политичката злоупотреба, инструментализација и индоктринација на децата! Не смееме да дозволиме развојот на децата да биде контаминиран со идеолошки, политички, етнички, верски, родов или социјален антагонизам и мобилизација.
Политичката злоупотреба на децата е забранета со закон! Според член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.
ЦИВИЛ ги потсетува политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневнополитичките случувања, се вели меѓу другото во соопштението на ЦИВИЛ.
ГОВОР НА ОМРАЗА
Наводно видео на Зоки Фаци предизвика лавина од навреди и омраза на социјалните мрежи
Видео од контроверзниот новинар Зоран Василевски познат како „Зоки Фаци“, во кое наводно се гледа негово учество во сексуален акт со друго машко лице, се ширеше масовно вчера на социјалните мрежи. Видеото предизвика лавина на коментари, голем дел од кои со навреди и говор на омраза на сметка на сексуалната ориентација на Василевски. Тој на социјалните мрежи демантираше дека се работи за вистинска снимка, а набргу потоа ги исклучи профилите на социјалните мрежи.
ЦИВИЛ денеска одржа инфо штанд во центарот на Скопје, на кој во комуникација со граѓанките и граѓаните го промовираше проектот „Европски перспективи (следно ниво)“.
АНАЛИЗИ
„Ако малку го прелистате рускиот пребарувач Јандекс.ру и побарате наслови поврзани со Северна Македонија, еден од највпечатливите кој ги открива целите и стратегијата на Кремљ, за тоа каде ќе ги бара меките точки на Македонија, е текстот на руската веб страница Инсајдер, под наслов „Како Кремљ планира да стекне контрола над северна Македонија“ објавен непосредно пред предвремените парламентарни избори што се одржаа во јули 2020 година.“, пишува Александар Николиќ Писарев во вториот дел од анализата Северна Македонија ги буди Исток и Запад (2)
„Ни Република Северна Македонија не е изземена од последиците на климатските промени. Скопје овие денови одбележува пет години од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер. Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.“, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата До 2025 може да изумрат милион видови од познатата флора и фауна.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Постои една анегдота која вели: кај нас политичките партии се делат на леви и десни во зависност од тоа која страна од мозокот не им работи. Претпоставувам дека коалицијата „Магла” сакајќи да покаже дека ѝ работат двете страни од мозокот решила да прави Граѓанско движење на центарот за да се држи до двете страни. Согласно вториот, неспоив, а навидум и смешен момент е дека две лево ориентирани политички партии за изборите ќе правеле Граѓанско движење на центарот.“, пишува Стевче Дечев во колумната Сеење магла или изгубени во маглата!
„Не ме чуди што излажаните и задоените со националистичка омраза не можат да видат дека зад нас засекогаш ги оставивме ФИРОМ, неизвесноста и непризнавањето на јазикот и идентитетот на Македонците. Кажано им е дека вака не е добро, дека се предадени и понижени. Веруваат во лаги со затворени очи, наместо да ги отворат очите и самите да се уверат во тоа што навистина се случува. Чекорат на стаклени нозе низ животот, со очи ширум затворени.“, пишува во колумната на Џабир Дерала „Никогаш Северна, само плата и бенефиции!“
Дијана Тахири