Во пресрет на најавената работна група за измени и дополнувања на Изборниот законик, која би почнала со работа, оној момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се одважи да именува член или претседател на групата, според понудата од Министерството за правда, ЦИВИЛ нуди низа препораки.
ЦИВИЛ како организација што будно и во континуитет ги следи изборните процеси, имаше активно учество во претходната работната група за измени во Изборниот законик. И оваа година, независно од моменталната политичко општествена состојба во земјата и очекуваните изборни процеси во 2024 година, дел од препораките на ЦИВИЛ остануваат исти.
Дел од препораките на ЦИВИЛ се однесуваат на:
– прочистување на Избирачкиот список,
– овластени лица за поднесување на приговори да бидат и релевантни домашни организации кои спроведуваат мониторинг на изборните процеси,
– една изборна единица
– воведување на отворени листи,
– продолжување на рокот за обуки и едукација, како и избор на членови на ОИК и ИО, во случаи кога се работи за редовни изборни циклуси,
– регулирање на периодот од распишување на изборите до официјалниот старт на изборната кампања кога учесниците во изборните процеси наоѓаат начини да го заобиколат законот и да започнат со предизборни кампањи кои во најголем дел се злоупотребуваат на сметка на противникот,
– едукација на гласачите.
Овие препораки се универзални и се дел од мониторингот на ЦИВИЛ на изборните процеси од 2008 година наваму. Со нивно надминување или внесување во Изборниот законик, ќе се избегнаат вообичаените изборни нерегуларности кои низ годините се провлекуваат во секој изборен процес. Дополнително ќе се придонесе кон слободни, демократски и фер изборни процеси.
ЦИВИЛ подготвува нов сет на препораки кои произлегуваат од долгорочното набљудување на политичко-општествената состојба во изборен контекст.
Подготви: Б. Ј.