Северна Македонија е во земјите со низок ризик на заболување од КОВИД – 19, во регионот, заедно со Бугарија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, додека Грција е во земјите со највисок ризик. Ова се податоци објавени од Амариканскиот центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ), кој редовно информира за земјите со висок ризик за патување поради КОВИД – 19.
Според статистичките податоци на ЦДЦ ажурирани до 2 август 2021, Северна Македонија е во земјите со низок ризик за патување во однос на можноста од заразување со КОВИД-19. Во истата група се и Бугарија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина.
Препораката за патување во земјите од оваа група се вакцинација со две дози вакцина, носење маска и одржување дистанца.
Во земјите од регионот со умерен ризик за патување, ЦДЦ ги набројува Хрватска и Србија. Препораката за патување во овие земји е вкацинирање со две вакцини, а доколку не се работи за неопходно патување, се препорачува да не се патува во овие земји, односно задолжително да се има предвид мислењето на матичниот лекар.
Турција и Словенија се вброени во земји со висок ризик за патување. Препораката е да се одбегне одењето во овие две земји.
Во најризичната група за патување во земјите од регионот, ЦДЦ ја вброи Грција. Препораката е да не се патува во Грција, освен доколку патувањето е неопходно, но патникот задолжително да биде вакциниран со две вакцини.
Инаку, Бугарија, која според ЦДЦ е во „зелената зона“ за патување, поради сложената епидемилошка ситуација и високите стапки на морбидитет во последните 14 дена во регионот, на своите граѓани им препорача да се воздржат од одење во Грција, Кипар и Турција. Другите земји во регионот немаат издадено посебни препораки во однос на патувањето во странство.
Д.Ц